Познатиот моден дизајнер Ненад Секирарски во низата интернационални претставувања може да го додаде и настапот во неделата на Косовската интернационална модна недела. Тој во хотелот Swiss Diamond во Приштина одржа ревија на 21 аутфити – микс на елегантни, свечени и коктел фустани од различни негови колекции со кои сакаше да го презентира својот стил и авторски израз. Дел од креациите беа видени на изборот No.1 Top Model of the worldкој се одржа во Берлин пред неколку месеци, но Секирарски подготви и нови парчиња.
-Ова е мое второ претставување пред косовската публика и скоро после 7-8 години и сосема нов тим на организатори сметам дека косовската модна сцена, иако млада и во подем, чекори напред. На покана на продуцентот на настанот Илир Гечи и Gecjan Group кои стојат зад целосната организација на проектот, публиката имаше можност да погледне 15-тина дизајнери. Моето претставување беше на 26 април, последниот ден од настанот. Се претставив со 21 модел, пред сè со колекцијата која премиерно беше прикажана во Берлин минатиот ноември, надополнета со неколку нови креации и креации од претходната колекција, сè со цел да ја претставам повеќе мојата работа, а не само презентирање на колекцијата – ни изјави дизајнерот.
Секирарски ни откри дека низ разговорите со организаторот за неговиот настап и откако ги погледнале неговите креации, тимот на Косовската модна недела заклучил дека би било супер да се направи фотосесија во Скопје и со тоа да се промовира настанот. Така креациите на Ненад се најдоа на официјалната рекламна кампања на настанот.
-Беше одлично искуство со професионален тим во кој покрај мене како дизајнер учествуваше и Даниел Николовски чиј тим беше задолжен за шминката и фризурата.
Го прашавме дизајнерот зошто почесто се претставува надвор од Македонија, а долги години се презентираше на белградскиот Fashion Selection.
-Што се однесува до претставувањето надвор и во Македонија, најчеста е причината што модните настани многу често имаат за цел и претставување на дизајнери кои не се од поднебјето каде што се одржува настанот. Тоа дава нова енергија, ја поттикнува креативноста и секако тоа изгледа атрактивно. Јас сум долго присутен на македонската сцена и низ својата работа мислам дека треба одмерено да ги презентирам новите идеи за да бидат секогаш интересни. Со тимот на Моден викенд-Скопје секогаш сме имале убава и професионална соработка низ годините и тоа така ќе остане, па верувам дека наскоро и излеземе со некој нов проект и интересно претставување – рече Секирарски. (К.Т.)
Нема коментари