Инспирирана од македонската носија, убавите везови и разновидноста на истите- од една страна и актуелната улична мода од големите светските центри – од друга, младата дизајнерка Нела Тодоровска ја создала новата колекција за зима 2018 која ја промовира на 14 декември со ревија во Младинскиот културен центар. Креаторката, која работи под својот бренд Mariguccha, направила модна алхемија меѓу традиционалната облека и панкот, создавајќи впечатливи и носиви креации.
-Колекцијата е спој на деконструктивизам, етно, панк и диско. Сите модели се носиви, лесно прилагодлии во стилот на модерните жени. Моделите може да се комбинираат меѓусебно. Тие се со неодредени форми, мултифункционални, а некогаш многу едноставни, кои си ја оправдуваат линијата во комбинацијата на истиот аутфит. Изработени се од различни материјалите: волна, памук, неопрен и метал како принт, а има и везови од сурова свила и волна. Боите како кроматика се рановидни, овој пат си поиграв со колоритот, правејќи контасти и интуитивна комбинација на нив – вели Тодоровска која деновиве, по ревијата престојува во Париз.
Креациите се современи интерпретации на традиционалните македонски елеци, панталони, кошули, марами и капи. Стариот македонски елек го трансформирала во фустан од неопренсо панк детали, а традиционалните панталони од шајак се изработени од метал тексас. Наметките што ги носеле нашите предци ги преработила во бомбер јакна, а широкиот ѕвонест елек во капут со нашиени волнени чорапи наместо џебови. Шамиите кои жените некогаш ги носеле на глава, во колекцијата на Mariguccha се претставени како капи од неопрен во вид на стилизирана панкерска четка. Моделите се дополнети со впечатлив накит, кој го изработува самата креаторка.
Парчињата се идеални за дневни комбинации, но и за посебни прилики, но храбро комбинирани. Наменети се за сите современи жени кои модата ја сметаат за секојдневие на својот живот.
Три парчиња од колекцијата беа премиерно претставени на групната ревија со 12 македонски креатори наречена „Made in Macedonia: Cовремен дизајн накитен со минатото” одржана неодамна во Музејот на Македонија. Настанот беше во организација на Македонскиот велком центар „Добредојде“ и Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џез Л. Бејли и неговата сопруга, Кејпи Полк Бејли.
Ова не е првпат креторката да користи мотиви од нашиот фолклор. Минатата година ја претстави колекцијата Argatlook – инспирирана од традиционалните македонски носии, во спој со новите технологии. За Тодоровска, која е член на платформата Not Just a Label, која ги промовира младите современи дизајнери, промоцијата во МКЦ беше прва самостојна ревија во Македонија. Таа често ги претставува своите колекции со уникатни перформанси со кои прави спој меѓу модата и уметноста.
Називот на нејзиниот бренд Mariguccha доаѓа од името на нејзината баба, Влаинка, кое значи Марија, Дева Марија. Има завршено факултет и мастер студии за моден креатор и костимограф во Букурешт на државната академија за уметност, а воедно две години била асистент на истиот факултет. Има работено во Романија на опера и неколку продукции за публицитет и филм. Изработила костими за повеќе опери и театар, краткометражни и долгометражни филмови и реклами.
Фото: Ана Лазаревска
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари