Насмеана, нежна и елегантна холивудската актерка Натали Портман, која го очекува своето второ дете со сопругот Бенџамин Милпејд, изминативе неколку месеци блеска на црвениот килим. И покрај напорната агенда за промоција на нејзиниот нов филм „Џеки“, каде што ја портретира Џеки Кенеди, грациозно ги носи креациите од кои наѕирка трудничктото стомаче. Како и во претходната бременост, кога пак ги освои сите главни награди, вклучувајќи го и „оскарот“ за улогата во „Црниот лебед“, Портман бира романтични и женствени фустани, со модерен крој од познати дизајанери и модни куќи.
Разликата е во тоа што овој пат главен акцент става на белата боја. Па така, модните сајтови ја нарекуваат трудница во бело. Во бел тесен фустан со голи рамена и карнери на ракавите деновиве гостуваше и во The Tonight Show на Џими Фелон, каде што зборуваше за бременоста и новиот филм. Почнувајќи од Венецискиот филмски фестивал, па сè до оваа недела, ја видовме во различни раскошни, но и елегатрни тоалети со потпис на „Диор“, „Валентино“, „Родарте“, „Ердем“, „Александар Меквин“, Red Valentino и други. Покрај фустаните, таа грижливо ги избира и капутите, палтата и мантилите што ги носи врз нив. Приватно, преферира полежерн спортски стил.
Нема коментари