Вчеравечер, Младинскиот културен центар во Скопје беше збирно место за љубителите на модата, кои имаа прилика да ги проследат ексклузивните модни ревии на италијанските брендови Twinset, Pinko и Liu Jo. Со славеничко модно шоу, насловено „Fashion fusion“, модната компанија Магнетик им се заблагодари за довербата на своите клиенти, деловни соработници и сите кои 30 години се дел од нивната динамична и успешна модна приказна. Настанот „Модна фузија“ беше незаборавно луксузно модно случување за присутните, а на ревиите беа застапени актуелните модни трендови кои ги наговестуваат пролетта и летото исполнети со максимализам, прикажан во трите модни колекции за 2022 година.
Случувањата беа поделени во три сегменти: мултимедијална модна изложба, интерактивни и креативни модни поп-ап продавници и сценско-музичко шоу со модни ревии во организација на домаќинот Магнетик, а во соработка со агенцијата за организација на настани Боттега Евенти.
За македонските уметници Дејан Пројковски и Олга Панго, да се создаде вакво несекојдневно спектакуларно модно шоу и креација, претставуваше уште еден нов предизвик во нивното творештво. Режисерот Дејан Пројковски, придонесе да се долови уметничкиот впечаток во сценографијата и артистичкиот израз кај моделите на ревиите, кои побудија емоции кај публиката, токму во овој авангарден простор, каде се промовираат современи културни настани. Балерината и кореограф Олга Панго беше задолжена за кореографијата на манекенките и балерините, кои прошетаа на пистата и танцуваа и предизвикаа неверојатна сензација, облечени во уникатни модни комбинации на луксузни и атрактивни парчиња од колекции пролет/лето на Twinset, Pinko и Liu Jo. Моделите на пистата беа придружувани со музичко-сценскиот перформанс на нашата поп дива Тамара Тодевска. Со нејзината величествена и моќна вокална изведба на сцената, предизвика воодушевување и овации кај публиката. Музичката селекција и ди-џеј сетовите на предводникот на македонската клупска сцена, музичкиот новинар ди-џеј Зоки Бејбе и ди-џејката на електронска и хаус музика Еми Ермилова, го надополнија урбаниот музички звук на ова збиднување.
Креациите на сцената варираа од впечатлива текстура и дизајн со лелеави и разнобојни пастелни мотиви на цветниот пролетен принт, до интензивни шарени бои, црно-бели мотиви и ексцентричен анимал принт. За сите изгледи на модната писта беа специјално анагажирани во взаемна соработка модниот креатор Игор Марков и стилистката Јована Зука.
Женственост, префинетост, романтичност и оргиналност се карактеристики на новата шик колекција на Twinset. Во нивната интерактивна поп-ап продавница беа изложени пролетни и летни дезени и материјали со нежни елегантни текстури. Беа презентирани романтични фустани, јакни, плисирани здолништа во сино пастелни нијанси. Во изложбениот дел на модната етикета Liu Jо беа претставени дизајни од тексас, фустани, здолништа, кошули и панталони. А креативниот простор на Pinko беше исполнет со парчиња во кои доминираа интензивни бои, надополнети со аксесоари со нивното препознатливо лого. Колекцијата на Pinko за новата сезона ги прославува жените со самодоверба, горди на својата женственост.
Модната компанија Магентик прослави 30 години историја која успеа да допре до вкусовите на многу луѓе со носење на ексклузивни, квалитетни и екстравагантни модни брендови од глобалниот трговски пазар.
Нема коментари