„Јавна соба“ и KAPKA Jewelry го најавуваат првото издание на саемот за накит и модни додатоци „Накит викенд 2016” што ќе се одржи од 7 до 9 октомври 2016. Настанот, кој ќе сеодржи во центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, Скопје ќе биде збогатен со дополнителни активности (предавања, презентации и друштвени активности). За сите посетители влезот е бесплатен. Право на учество имаат сите дизајнери на накит, индивидуални уметници и уметнички групи, занаетчии или компании кои изработуваат накит како уметничка форма или модни додатоци и имаат желба своите парчиња да ги претстават пред домашната и странска публика. Рок на пријавување е 15 септември.
-Саемот е отворен за сите изработувачи и дизајнери на накит, како и автори и уметници од други области кои го користат накитот како форма на уметност и средство за креативно изразување и кои се фокусирани на нови, иновативни и свежи идеи. Саемот има интернационален карактер и нема ограничување во однос на употреба на материјали, форма и концепт на парчињата кои ќе бидат изложени. Бројот на учесници е лимитиран-велат организторите.
Селекцијата на изложувачи ќе ја врши стручно жири според следните критериуми: оригиналност, концепт, иновативно користење на материјали, комбинација на нови и стари технологии и техники, изработка на производите, продажен потенцијал. Жирито го сочинуваат Јана Ацевска, Александар Велиновски и Маја Лалиќ. Селекција ќе биде објавена најдоцна до 20 септември.
Нема коментари