Престижното списание Forbes ја објави листата на највлијателни личности во категоријата мода, таканаречените модни инфлуенсери, а на врвот е италијанската блогерка, ѕвезда на социјалните мрежи, сега веќе дизајнерка и бизнисменка, Кјара Ферањи. Ја запознавме преку The Blonde Salad, блогот што го лансира во 2009 година, додека беше студентка во својот роден град Милано. Беа тоа годините пред Инстаграм, а после еден напис за неа во Teen Vogue, успеа да ја надмине границата на милион посети на блогот. Денес во ерата на Инстаграм, таа може да се пофали со преку 23 милиони следбениц на мрежата, најмногу споредено со другите модни инфлуенсери.
Кјара го надмина пишувањето на блогот и денес е дизајнерка на облека и модни додатоци, кои се продаваат во преку 350 продавници во светот, а од што само ланската година заработи 20 милиони долари. Соработува со голем број брендови, од Guess до Gucci. Ферањи веројатно не е најдобро облечената во светот на модата, таа почна како италијанска богаташка што скапата дизајнеска облека си ја фотографираше на блогот, но сепак, со текот на годините се претвори во интернетска сензација и успеа да создаде модно кралство. За нејзиниот успех се расправаше дури и на познатиот универзитет Харвард, поточно Harvard Business Review пишуваше за неа во првата студија за моден инфлуенсер објавена во престижното бизнис списание.
Во креирањето на листата Forbes ги здружи силите со аналитичарите на компанијата Traackr, со цел да се измери влијанието на ѕвездите на социјалните мрежи, а со помош на социјалната платформа Captiv8, ја наведоа нивната потенцијална заработувашка по објава на социјалните мрежи во однос на големината на нивната база на фанови. Со ова истражување Forbes дојде до Ферањи како највлијателна личност во светот на модата, а на листата се и Леандра Медин (Man Repeller), Ејми Сонг (Song of Style), Брајан Јамбао (Bryanboy), Сузана Лау (Style Bubble), ѕвездата на плус сајз мода Николет Мејсон (nicolettemason.com), Џулија Енгел (Gal meets glam) и други.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари