Дизајн организацијата „Јавна соба“ од Скопје во соработка со „Миксер“ од Белград и ХДД одЗагреб ги објави резултатите на четвртиот по ред меѓународен конкурс „Млади балкански дизајнери 2014“ (Young Balkan Designers 2014), со слоганот „Херои на денешницата“. На конкурсот беа пријавeни повеќе од 220 кандидати, а селекцијата на дела од 13 земји од регионот ја направи стручно жири, со кое претседаваше реномираниот индустриски дизајнер Константин Грчиќ. Поради високиот квалитет на пријавените проекти, наместо предвидените десет, одбрани се повеќе од 20 дела кои ќе бидат претставени во рамки на едногодишна патувачка изложба на водечките регионални дизајн манифестации, додека на авторите на најдобрите три проекти ќе им биде овозможена 45-дневна директна соработка со производни фабрики од регионот во текот на 2016 година.
Меѓу победниците, се и дизајнерите Натали Ристовска и Мики Стефаноски со проектот STRIPE, од Македонија.
- Квалитетот беше на многу високо ниво. Несомнено се гледа растот на самодоверба помеѓу младите дизајнери од Балканот, не само кога говориме за нивното потекло, туку и кога зборуваме за нивните интереси, лични приказни и проблеми. Младите балкански дизајнери имаат став, а тоа значи дека иднината е пред нив! Ме исполнува со радост што гледам многу добри проекти, како и талент, труд и вредна работа кои беа потребни за нивното создавање. Браво, балкански дизајнери! - изјаво Константин Грчиќ за самиот процес на избирање и за потенцијалот на младите балкански дизајнери.
Интернационалната патувачка изложба на победничките проекти „Млади балкански дизајнери 2014“ македонската публика ќе има можност да ја види во Скопје за време на Skopje Design Week во период од 23 до 28 септември 2014 година. Проектот „Млади балкански дизајнери“ претставува добар пример за регионална соработка, чија цел е идентификација, промоција и развој на креативниот потенцијал на Балканот во домен на концептуалниот и индустрискиот дизајн.
Нема коментари