Фестивалот на визуелни уметности „Скопје креатива“ го најавува новото издание за периодот од 16 до 20 септември во просторот на „Плаја виста“, од другата страна на Вардар, спроти Националната арена „Филип II“. Организаторите порачуваат дека фестивалот е вистинска прилика да го почувствувате новиот креативен бран во градот! Под мотото „Скопје – мојот град!“ во петте фестивалски денови ќе можете да посетите презентации, предавања, работилници, панел дискусии, форуми/дебати, како и да учествувате на настаните од категориите: филмски и видео перформанси, театар.
Во поп-ап продавницата за време на фестивалот ќе се претстават повеќе домашни и меѓународни дизајнери на облека и накит како „Лудус“, Ена Зафировска, Карло Хорват, Нела Тодоровска, Сара Муамед, Мелани Димитровска, Марта Мојсова и други.
Изложбите на School of Visual Arts од Њујорк, Tirana Architecture Week од Албанија, Институтот за мода на Изет Цури, презентациите и работилниците на Јан Бајтлик од Полска, Борут Вилд од Србија, Ласко Џуровски, Марија Ветероска и панел дискусиите на повеќе интересни теми се само дел од огромната програма во која ќе уживате оваа година. Секој вечер од 20 часот ќе може да уживате во специјално одбраната музичка селекција, со „Канда Коџа и Небојша“ од Србија на отворањето, а потоа со ДЈ Зоки Бејбе, ПМГ Колектив, ДЈ Илина Ангеловска и други. „Скопје креатива“ не ги заборава ни најмалите, па работилници за развивање на креативноста кај дечињата се дел од програмата.
Комплетната програма на „Скопје креатива“ може да ја видите овде.
Нема коментари