Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи во сабота, 1 октомври, на повеќе локации низ Скопје. Скопјани и посетителите ќе имаат можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања, работилници, жонглерско шоу и перформанси на десетици локации низ градот.
Централната манифестација ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ каде скопјани за прв пат ќе имаат можност да уживаат во насловните нумери од филмовите на легендарниот Џејмс Бонд во изведба на Камерниот оркестар на Битола, покрај тоа ќе можат да гледаат детска театарска претстава, жонглерско шоу, музички концерт на Мијата, a за крај да се журкаат на настапот на диџеј Дабнотик.
„Десонанс Фестивал“ ќе го има своето тринаесетто издание во дворот на Кинотека на Северна Македонија, а ќе се презентира македонската електронска сцена која е напредна и во тек, вибрантна со случувањата на глобалната современа електронска сцена. Со свои настапи ќе се презентираат четворица македонски диџеи, а ќе ги надополнат со видео-арт материјали Филип Митров и Атанас Ботев, а за филмската програма ќе се погрижи Кинотеката.
Во Градски парк кај фонтана ќе се може да се погледне „Сообраќаен инсектариум – ПајакАрт“ групна изложба на 13 домашни автори, од различни ликовни изрази чија идеја е да се преиспита односот помеѓу типичната градска слика на сообраќаен метеж од паркирани возила на улици, булевари и тротоари и „пајак“ возилото, и нивните афинитети и творечки потенцијали, со изложување на дела на специфично зададена локација – автомобил.
Програмата ја збогатуваат и културните институции МКЦ, Детски културен центар „Карпош“, Национална галерија, Музеј на современа уметност, Музеј на Мајка Тереза, Зоолошка градина, Библиотека „Браќа Миладиновци“, Музеј на македонската борба и НУ Музеј на Република Северна Македонија.
Целосната програма со распоред, локации и учесници може да се погледне на www.univerzalna.com.mk/belanok. Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите.
Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје, а покровители се Сити Радио и Лајф Радио.
Нема коментари