Mодниот сајт и асоцијација Stylist.mk традиционално ги избра најуспешните на Моден викенд-Скопје (FWSK). Наградата за најдобра колекција на десеттото, јубилејно издание на Моден викенд ја добива креаторката Јована Филиповиќ, за линијата Where The Wild Things Are есен-зима 2014/15. За најдобра млада дизајнерка тимот на Stylist.mk ја прогласува Стефанија Насеска, за нејзината колекција „Азбука“. Признанието најдобра манекенка на есенското издание на FWSK го добива Рене Рајт (Renae Keily Wright ) од модната агенција „Подиум“.
Уникатната статуетка за главната награда – најдобра колекција ја изработи дизајнерката на накит Илина Поповска. Наградата за најдобар млад дизајнер ја направи тандемот Моника Лозановска и Александар Баки Милев, кои стојат зад брендот за накит „Еклектика“, а признанието за најдобра манекенка го креира Андријана Андреева (Ани Соро).
Наградите на победниците ќе им бидат врачени во среда (5 ноември) во 12 часот, во концептуалната продавница Lotus Design Store во Skopje City Mall.
Ова е трет пак како сајтот Stylist.mk, основан од модните новинарки/уреднички: Катерина Трајановска, Ана Несторовска и Снежана Јаначковска-Богдановска, ги избира најдобрите на Моден викенд-Скопје. Досегашни добитници на наградата за најдобра колекција се Росица Мршиќ и Лидија Георгиева, за најнадежни дизајнери беа именувани Бобан Илиевски и Оливера Штакоска, а кај моделите – Маја Ристевска и Моника Алексовска.
Во рамките на ова издание на Моден викенд-Скопје тимот на Stylist.mk беше вклучен и во едукативниот семинар „Современи движења во модата – трендови, продажба и блогирање“. Катерина Трајановска и Ана Несторовска, кои го уредуваат и развиваат сајтот, одржаа предавање на тема: „Улогата на интернет-медиумите во македонската модна сцена“. Тие го споделија своето повеќегодишно искуство како модни новинарки, работејќи во различни медиуми. Зборуваа за појавата на модните интернет-портали, преодот и подемот на дигиталните, наспроти печатените медиуми, за приказната за Stylist.mk и неговото позиционирањето како професионален медиум, како и за целите и задачите на овој сајт.
Македонскиот моден сајт Stylist.mk, кој почна со работа во декември 2013 година, е специјализирaн онлајн магазин за мода, убавина, уметност и животен стил, кој функционира и како асоцијација. Основачите на модниот сајт веќе трета сезона доделуваат модни награди за најдобрите дизајнери и модели на Моден викенд-Скопје (FWSK), а одржаа и две дебати на тема „Пласманот на модата во медиумите“ и „Оригинали и копии во македонската мода“.
Во рамки на Super Design Pop-Up Store Stylist.mk организира консалтинг агол, а на Trash Fashion Macedonia 2014 одржа работилница за редизајнирање на стари парчиња облека и модни додатоци. Тимот на Stylist.mk беше задолжен и за модната програма на Првиот саем на современа уметност – „Паратисима Скопје“. На настанот организира изложба на фотографии , работилница на тема „Од ателје до насловна страна“ (како да дојде вашиот производ до медиумите) и „Видеомода“ – проекција на кратки видеа од македонски дизајнери и брендови. На Stylist.mk може да се прочитаат новости, извештаи, интервјуа и анализи поврзани со македонската и светската модна сцена, како и да се погледнат едиторијали и галерии од најголемите модни случувања.
Нема коментари