Во стартот на Париската недела на висока мода дизајнерката Марија Грација Кјури на ревија во музејот на Роден ја прикажа новата кутур-визија на куќата „Диор“. Во духот на надреализмот таа прикажа колекција во која доминираат црната и белата боја и која е инспирирана од Леонор Фини, уметница која соработувала со Кристијан Диор во 30-тите години од минатиот век. Покрај надреализам Кјури внесува и оп-арт елементи и многу рачна изработка.
Парискиот музеј на Роден беше трансформиран во огромна шаховска плоча, често видена во сликите на Дали, наговестувајќи ни ја темата на надреализам. Над салата висеа огромни драперии, мистериозни кафези и бело обоени делови од човечкото тело, со што уште повеќе се развиваше главната тема. Следеа модни креации во црно-бела игра, елегантни костими и фустани, црно-бели шари кои провоцираат оптичка илузија, асиметрични здолништа со висока половина и мрежести конструкции, за потоа дизајнерката да премине на модели во кои воведува боја (црвената) и светкави материјали. Манекенките носеа мрежести чорапи врз сандали, некои имаа „истетовирана“ порака околу вратот, како и интригантни украси/маски на лицето креирани од Стивен Џонс.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари