Козметичката линија на познатата американска шминкерка Боби Браун за прв пат е на македонскиот пазар, интригирани од оваа новина ја посетивме промоцијата на брендот што се одржа во парфимеријата Anabellа во „Скопје сити мол“. Овде засега е единствениот штанд на Bobbi Brown, со стил уредено катче каде се наредени шминката и линијата за нега на кожа, како и местото на кое може да добиете совет за шминка. Имено, како што ни кажа Диана Хорниак, претставничката на брендот, идејата на Боби Браун е преку нејзината козметичка линија да ги научи сите жени како да ја користат шминката. Тој концепт е пренесен и на скопскиот штанд, па во секое време овде ќе добиете совет за тоа како да се нашминкате во рок од пет минути, каква шминка да одберете за на работа, како да ја пронајдете вистинската боја на кармин, како да се нашминкате за на фотографија и слични How to… трикови.
Диана ни ги претстави козметичките производи на брендот, некои од нив се светски бестселери, како на пример гел тушот за очи (Long-Wear Gel Eyeliner), пудрата во форма на стик (Skin Foundation Stick) и Shimmer Brick бронзерот, а ни ги препорача и кармините во форма на молив Art Stick, коректорите и руменилата, и Pot Rouge, кремаста боја која може да се нанесува на образите и на усните. На штандот ќе најдете и препарати за нега на кожата, нам внимание ни привлекоа обновувачкиот крем со заштитен фактор Repair Moisturizing Balm SPF 25 и линијата Remedies, неколку вида на третмани со кои се надополнува негата на кожата.
После долгогодишното искуство како шминкерка, Боби Браун во 1991 година го основа брендот Bobbi Brown Cosmetics, најпрво со 10 кармини, денес пласира широка палета на бои, козметички производи, четки, аксесоари, мириси и производи за нега на кожата. Денес, Bobbi Brown Cosmetics е глобален бренд, присутен во 73 земји и во повеќе од 100 продавници во светот. Познати професионални шминкери ја користат токму оваа шминка, козметика и четките за шминкање, нагласувајќи дека од нив нема подобри. Браун од старт имаше едноставна мисија – да ја нагласи, а не да ја прекрие природната убавина на жената. Водејќи се од мотото „Биди тоа што си“ (Be Who You Are), брендот се фокусира на тоа да создаде вистинска шминка која на жените ќе им даде самодоверба и знаење со кои ќе изгледаат и ќе се чувствуваат најдобро. (К.Т.)
Нема коментари