Во тек е Париската недела на машка мода на која колекција за сезоната пролет-лето 2017 претстави „Луј Витон“. Уметничкиот директор на машката колекција на оваа модна куќа Ким Џонс, создаде креации со кои се навраќа на личните сеќавања од детството – тој е роден во Јужна Африка и сè уште го почитува стилот на големите африкански градови. Според Џонс колекцијата нè води на урбано сафари, но има во неа и референци и на Лондон и влијание од панкот, овојпат интерпретиран преку Африка и сликите на Френк Маршал со моторџиски банди од Боцвана, каде што е роден дизајнерот. На оваа фузија тој ја додава третата естетика – француката елеганција на „Луј Витон“. За овој шик и модерен сензибилитет допринесуваат неутралните тонови, миксот на разни текстури употребувајќи кожа и мохар, принтови на жирафи и други африкански животни кои се во комбинација со LV логото, цик-цак линии и карирани шари, транспарентни мантили и разни Луј Витон-чанти. Дел од принтовите се збогатени со цртежи на познатите британски уметници, браќата Џејк и Динос Чепмен. На ревијата гостинка беше Кејт Мос облечена во костим во стилот на пижама и инспириран од сафари со потпис на „Луј Витон“, а друштво ѝ правеше момчето Николај вон Бизмарк. Во првиот ред седеа и Дејвид Бекам, Лара Стоун и Фарида Келфа.
Нема коментари