Емоцијата што ја предизвикува изборот на невестинскиот фустан често е врзанa со мистичноста на девојката која треба да ја донесе вистинската одлука – со оваа мисла дизајнерката на венчаници Синди Караџа го почнала креирањето на новата колекција Mystical Dawn. Таа и својот тим од брендот QUEEN Haute Couture со секоја клиентка го создаваат тој мистичен спој на нивниот креативен дизајн и на желбата на идната невеста да го пронајде венчалниот фустан кој најдобро ја одразува нејзината личност. За новата колекцијата уловена во фотосесијата што ја потпишува фотографот Дарко Мораитов и за приказната за QUEEN Haute Couture зборувавме со Синди која за почеток ни раскажа како одлучила да се занимава со креирање на венчаници.
- Мојата приказна со креирањето започнува многу одамна, пред нешто повеќе од 15 години. Отсекогаш бев фасцинирана од рачната изработка на деталите и сакав да создавам креации кои ќе пленат со својата уникатност, високиот квалитет и преку кои ќе можам да ја изразам својата креативност. Иако бев многу посветена на својата работа и дарбата секогаш резултираше со успех, сакав својот талент да го потврдам и надградам, па поради тоа решив да заминам во Турција каде завршив академија за моден дизајн. Во исто време поседував и свое ателје за венчаници во Истанбул, но секогаш нешто ме враќаше назад, дома во Скопје. Поради таа причина, пред скоро 9 години започнав приказната за QUEEN Haute Couture, брендот кој благодарение на целиот негов тим, работи успешно и ја остварува својата цел, а тоа е да понуди едно неверојатно искуство на своите невести.
Во моментов е актуелна вашата колекција Mystical Dawn, кажете ни повеќе за инспирацијата за новите креации?
- QUEEN Haute Couture секоја година во декември ја промовира својата нова колекција на невестински фустани за престојната сезона.
За мене како креатор најважен е квалитетот на материјалите со кои се изработуваат фустаните, па секогаш подготовката на новата колекција започнува со одбирање на соодветните материјали. Емоцијата која ја носи изборот на невестинскиот фустан често е врзан со мистичноста на девојката која треба да ја донесе вистинската одлука. Тие знаат да бидат отворени за соработка, да прифатат сугестии и предлози од нас како тим, но на крај секогаш изборот се сведува на оној фустан кој ги одразува нив како личности и кој е секогаш одлика на нивниот карактер. Едноставни, а сепак префинети, моќни, но нежни и бајковити.
Кои стилови, бои, форми, материјали ги употребивте во новата колекција?
-Mystical Dawn е колекција која содржи 13 нови невестински фустани, различни по својот крој, од елегантни, тесни кроеви до раскошни балски фустани, изработени да ја задоволат секоја желба на идните невести. Помеѓу нив најзастапена е нијансата на шампањ која е природна нијанса на материјалите. Деталите на фустаните се рачно изработени со везови од природни бисери, монистри и кристали.
За колекцијата подготвивте и фотосесија со Дарко Мораитов…
- Дарко Мораитов е дел од тимот кој што работи на фотосесиите на QUEEN Haute Couture подолго време, веќе пет години тој е задолжен за фантастичните фотографии кои се резултат од фотосесиите. Како професионалец со Дарко Мораитов е многу лесно да се соработува, бидејќи кога сме веќе во студио или на соодветната локација, работата е половина завршена. Тој е дел и од креативниот тим на QUEEN Haute Couture, со своите идеи и предлози секогаш има значајна улога во финалниот производ.
Зад видеото кое беше изработено од фотосесијата стои младиот креативец Дарко Митев. Прекрасната сценографија и специјалните ефекти беа дело на ДВД 5, кои успеаа мистичноста да ја доловат на најдобар начин. На овој проект соработувавме и со Даниел Николовски кој се погрижи изгледот на моделите Јана и Ивана да биде во совршен сооднос со темата на колекцијата и фотосесијата. Благодарение на Коњичкиот клуб „Бравадос“ имавме можност да сликаме и со прекрасниот Чарли.
Снимањето на фотосесијата помина во исклучително пријатна атмосфера, професионална, но сепак опуштена. Доволно долго се спремавме за истата и секој детаљбеше убаво организиран што доведе до успех од кој сите страни се задоволни.
Каде може да се најдат венчаниците од оваа колекција? Каде всушност се продаваат креациите на Синди Караџа?
- Венчаниците од оваа колекција се изложени во ексклузивното ателје на QUEEN Haute Couture во центарот на Скопје. Единствено таму може да се најдат сите мои креации.
Од досегашното искуство и работа со клиенти, може ли да направите пресек на тоа што најмногу сакаат македонските невести, какви венчаници најмногу бираат?
- Како што спомнав претходно, кога станува збор за изборот на најважниот фустан во животот на една девојка, различни се желбите во врска со тоа кој е вистинскиот, совршениот. Сепак, поголемиот дел се одлучуваат за балски, раскошни венчаници со цел да го остварат својот сон кој го имале уште како мали, кога повеќето се замислуваме како принцези од некоја бајка.
Кои се светските трендови во однос на свадбените колекции и кои од нив се среќаваат и во вашите колекции?
-Експанзијата на социјалните мрежи и достапноста на информациите прави идните невести да бидат во тек со она што се нуди како светски тренд за невестински фустан. Добрата страна на тоа е што благодарение на нивната желба за истражување, често знаат да го одредат кројот на фустанот или пак приближно да го одредат она што на крај, со моја помош, ќе биде финалниот изглед на нивниот фустан. Трендовите кои што можат да се сретнат и во моите колекции најчесто се одразуваат врз изборот на материјалите кои многу често се исти со оние на светски познатите креатори. Мојата цел е да им го доближам она што се нуди надвор од нашите граници, да имаат фустан со квалитет како на големите модни куќи, а сепак да биде наша, домашна изработка. Квалитетот за мене е незаменлив фактор, кога имате квалитетен материјал, производот секогаш ќе биде остварување на сонот.
Кој е најважниот совет што им го давате на вашите клиентки – идните невести? На што најмногу да обрнат внимание кога бираат венчаница?
-Најважниот совет и она што јас често го велам е дека треба да се одбере оној фустан кој на нивните лица ќе ја донесе најубавата насмевка, фустанот кој преставува сè што тие отсекогаш сонувале, фустанот кој ги прави да се чувствуваат посебни, единствени. Доколку го немаат чувството кое им вели дека ја направиле вистинската одлука, дека тој е тој фустан, потрагата не е завршена. Многу е важно на кој креатор ќе ја доделат својата доверба, сепак се работи за најважниот фустан.
Дали би се одлучиле за креирање и други, секојдневни колекции или сепак во дизајнот на венчални фустани најмногу се пронаоѓате?
- Работењето со невести за мене е секојдневие кое ни би го заменила со ниту една друга професија. Фактот дека сум дел од најсреќниот период од нечиј живот за мене преставува мотив кој со години ме прави сè поисполнета, позадоволна од себе на професионален план. Довербата која што ја добивам од девојките се преточува во енергија која мојот успех го гради врз остварување на сонови и желби. Работејќи ја оваа професија, за мене најголема награда е насмевката на идната невеста кога себе си ќе се види во оној фустан во кој се замислувала уште како мала. Јас тогаш знам дека својата работа сум ја завршила онака како што се очекувало од мене.
Нема коментари