Кога некоја супер богата дама од високото општество ќе одлучи да го подрасчисти својот плакар, резултатот лесно може да биде 3.000 ултра делуск парчиња ставени на аукција. Вклучувајќи седум биркин-чанти од Hermes… И преку 500 парчиња од модната куќа „Шанел“…
Токму Муна Ајуб, богата бизнисменка од либанско потекло одлучи да се ослободи од дел од својата колекција на парчиња од висока мода и луксузни предмети, и да ги стави на аукција во париската куќа Корнет д Сен Сир, почнувајќи од денес до 2 февруари. Таман додека сите богаташки се во Париз на модните ревии на висока мода.
Претходно парчињата беа ставена на изложба, а на списокот за продажба има кутур креации од нејзиниот близок пријател дизајнерот Жан Пол Готје, серија на чанти од „Шанел“, фустани од Азедин Алаја, куфери од „Луј Витон“, чевли од Кристијан Лубутан и Џими Чу, луксузни предмети од „Булгари“ и „Лалик“.
Муна се смета не само за богата бизнисменка, туку и за џетсетерка и патрон на високата мода. Поранешната келнерка стана богата откако се омажи за Насер Ал-Рашид, милијардер и советник на кралот Фад од Саудиска Арабија, и оттогаш не престана да купува висока мода. Се претпоставува дека поседува над 1.600 креации на висока мода, или како што ќе каже самата „плус-минус некое парче, треба повторно да направам попис“.
Ајуб планира 100.000 евра од продажбата да подари на парискиот музeј Musèe des Arts Dècoratifs за финансирање на најавени изложби. Таа признава дека не е лесно да се одвои од креациите, но вели дека продава некои од најдобрите парчиња што ги поседува за да некој друг ужива во нив.
Нема коментари