Модната дизајнерка Тања Кокев денес објави соработка со Македонска филхармонија која што се однесува на креирање тоалети за женскиот дел од оркестарот. Директорката на филхармонија, Маја Чанаќевиќ рече дека соработката претставува спој на мода со музичка уметност, а резултатот може да се види на утрешниот концерт со кој се отвора новата сезона на Македонска филхармонија. Кокев изработи 20-тина фустани и комплети за музичарките од оркестарот кои се доследни на црната боја, вообичаена како избор на членовите од музички оркестар, а во нив вметна француска тантела и елегантни детали. Фустаните се без ракави, но имаат разиграност во здолништата со што се избегнува формалноста на облеката. Дизајнерката нагласи дека често ги посетува концертите на Македонска филхармонија, но потајно секогаш размислувала дека е потребна промена во однос на облеката на музичарите и да се подобри визуелниот ефект кој доследно ќе го следи оној музичкиот. Сега Кокев вели дека чувствува чест што и’ е дадена можност да соработува со Македонска филхармонија.
На денешната прес-конференција Маја Чанаќевиќ ја најави новата музичка сезона која почнува утре со концерт на оркестарот со гостинот од Германија, виолончелистот Даниел Милер-Шот, а под диригенство на Борјан Цанев ќе се свират дела од Штраус, Барток, Лало и Шахов. Во декември филхармонија слави јубилеј од 70 години со концертот „Филхармонија на кирилица“, а директорката за следната сезона најави многу гости, тематски концерти и изведби на македонски композитори.
Женскиот дел од оркестарот на Македонска филхармонија вчера учествуваше во фотосесија со фотографот Дарко Мораитов во која позираа креациите што Тања Кокев ги дизајнираше за нив.
Нема коментари