Моделите што Марк Џејкобс ги ангажираше за својата есенска кампања за колеккцијата Marc by Marc Jacobs не се професионални манекени ниту се дел од модни агенции, туку се избрани на натпревар на „Инстаграм“ преку хаштагот #CastMeMarc што почна во април годинава. Крајниот избор се интересни ликови со живописен стил (и навистина необични фризури), кои се фотографирани од Дејвид Симс и стилизирани од Кејти Гранд од LOVE Magazine. „Ми се чинеше како одлична идеја, бидејќи кастингот преку „Инстаграм“ е толку современ, кул и силен. Сакавме да направи кампања која блика со младост и енергија, да биде свежа и да се врати на духот на колекцијата што го замисливме кога ја почнавме – да биде посебна колекција, а не само втора линија“, изјави Џејкобс за концептот на рекламата за есен-зима 2014/15.
Апликацијата „Инстаграм“ ни овозможува сите ние да бидеме модели, но Марк отиде чекор напред и на овие анонимци им даде можност за професионален ангажман во голема модна реклама. Бројките велат дека на натпреварот се пријавиле 70.000 кандидати од цел свет, следела селекција од 50 кои биле повикани во Њујорк на „вистински“ кастинг, а конечно се избрани 9 урбани херои кои што ги рекламираат креациите од Marc by Marc Jacobs.
Нема коментари