Пријателството, сличниот сензибилитет и заедничкото учество на саемот на уметност „Паратисима“ во Торино ги поттикна дизајнерите Драган Христов и Нина Симовска да соработуваат на заедничката колекција Hybrid Vigor што вчера беше претставена во скопската концептуална продавница Just Because. Креаторите кои што ги потпишуваат своите брендови Ludus и Just Because, работеа на мини колекција на облека со двојна улога и на серија околувратници кои се надополнуваат едните со другите.
Драган Христов од Ludus креираше модни парчиња кои имаат уметнички и концептуален карактер. Драган и Нина заедно работеа за скопското издание на фестивалот „Паратисима“, каде што беа прогласени како едни од победниите на уемтничиот настан, што пак им го отвори патот за торинското издание на истиот фестивал идејата за заедничка концептуална модна приказна.
-Уште од самиот почеток на работата на брендот Ludus правиме соработки со други креативци, а оваа со Нина дојде многу спонтано и природно. Делот на Ludus се модни парчиња во препознатливи кроеви и бои, од материјали како свила и ѓаволска кожа, но клучен момент е двојната улога на креациите – шорц кој може да се носи како фустан или џемпер како капут. За потребите на колекција снимивте и фотосесија со фотографот Жарко Жулиќ и манекенката Ана Калачоска – ни откри Драган.
Нина Симовкска од брендот Just Because во проектот учествува со накит, односно со масивни околувратници, а овојпат во своите дизајни ги изостави препознатливите патенти и употреби еко-кожа и шарени мониста.
-Сакав да излезам од мојата комфорна зона и да пробам некои нови техники кои ќе го надополнат целиот концепт што го направивме со Драган. Hybrid Vigor е концепт кој што вкучува две различни страни кои што даваат трет производ, кој пак ги содржи подобрите страни од двете предходни. Во неговиот дел Драган направи модни парчиња со двојна улога. А кај мене во делот на модни додатоци е тешко да се дојде до таков производ и беше огромен предизвик. Јас успеав тоа да го изиграм со склоп на геометриски мотиви и женствен дел кој се гледа преку употребата на везот од мониста. Со Драган сме одлични пријатели и супер ни оди соработката, двајцата го следиме тој концептуален стил на работење и мислам дека ќе се најдеме барем уште еднаш во нова соработка – ни кажа Нина за новата заедничка колекција.
По претставувањето во Скопје, веќе во понеделник Драган и Нина патуваат за Италија каде што на „Паратисима“ во Торино ќе ги претстават парчињата од Hybrid Vigor, кои подоцна ќе се продаваат во продавницата Just Because. Нивните очекувања од заедничкиот настап на уметничкиот саем се добар креативен предизвик, шанса за контакти и свежи идеи за тоа како да продолжат да ја промовираат заедничката колекција надвор од Македонија.
Нема коментари