Првиот човек на корпорацијата за луксузна роба LVMH и воедно најбогатиот Французин, Бернар Арно, уште пред неколку години најави дека планира да отвори музеј на компанијата во Париз, за чии потреби го ангажира славниот модернистички архитект Френк Гери. Денес wwd.com најави дека Бернар Арно отворањето на музејот на Фондацијата на LVMH планира да се случи на 27 октомври оваа година. Големата и впечатлива градба дизајнирана од Гери е сместена во Болоњскиот парк, на работ на Париз.
Долгоочекуваниот музеј што се очекува да ја збогати културната и архитектонска понуда на градот, ќе ја содржи обемната уметничка колекција на LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton, а една од мисиите на фондацијата е да го поттикне и промовира уметничкото творештво како во Франција, така и на меѓународно ниво, фокусирајќи се на уметноста од 20 и 21 век. Покрај постојаната поставка, во музејот ќе се одржуваат изложби, перформанси и разни настани поврзани со современите уметности, а се зборува дека сопругата на Арно, Елен, инаку концертна пијанистка, лично ја надгледувала акустиката на просторот.
За градбата Бернар го ангажираше канадскиот архитект Френк Гери и специфично побара модерна и стаклена зграда која ќе содржи преку 10 галерија и тераси кои овозможуваат спектакуларен панорамски поглед на Париз. Инагурацијата на овој музеј ќе се поклопи со првата европска ретроспективна изложба на архитектот, најавена за 8 октомври во Музејот Помпиду.
Зборувајќи за основањето на фондацијата, Арно нагласи дека ова е начин како да се демонстрира како „неверојатниот економски успех на групацијата е заслуга на извонредниот успех на дизајнерите на LVMH“. Тој сака да оддаде почит на јавностра и на вработените, а јавноста всушност ќе добие можност бесплатно да го посети музејот три дена пред официјалното отворање. Арно исто како и градоначалникот на Париз, Ан Хидалго, со овој проект сака градот да го засили своето позиционирање како светски главен град на современото уметничко и архитектонско творештво.
Големиот ривал на Арно, Франсоа Пино од групацијата „Керинг“, исто така најавува уметничка фондација и слична градба во центарот на Париз, за што ќе го ангажира познатиот аритект Тадао Андо. За потсетување, LVMH на Бернар Арно ги застапува брендовите „Луј Витон“, „Диор“, „Живанши“, Марк Џејкобс, „Моет“, „Селин“, Хенеси, „Фенди“, „Дом Перињон“, „Кензо“, „Таг Хоуер“ и уште многу други брендови за мода, козметика, парфеми, луксузни пијалоци и часовници. „Керинг“ пак ги менаџира „Гучи“, „Баленсијага“, Стела Макартни, „Сен Лоран“, Александар Меквин, „Пума“, „Ботега Венета“, „Бринои“, „Бушерон“ и други. (К.Т.)
Нема коментари