Во 1854 година, во просторија на улицата Капучин, близу плоштадот Вендом во Париз, Луј Витон го лансира својот бизнис со куфери и создаде разни видови пластовидни сандаци за патување од водоотпорно платно. Во негова чест синот Жорж Витон го патентираше денес иконскиот монограм LV, според неговите иницијали. Од тогаш компанијата помина низ повеќе трансформации и денес е сопственост на конгломератот за луксузна роба LVMH, но монограмот LV ги преживеа сите премрежја, како симбол за она што е еден од најпрепознатливите светски брендови.
За одбележување на 160-годишнината од основањето на куќата, извршниот потпретседател на „Луј Витон“, Делфин Арно и уметничкиот директор Никола Гескиер иницираа проект наречен „Иконата и иконоборците: прослава на монограмот“, и за таа цел поканија шест светски дизајнерски пионери , „иконоборците “, за да го протолкуваат монограмот, односно „иконата“, во новата серија на торби и куфери.
Шесте избрани дизајнери го вклучуваат Карл Лагерфелд, креативен директор на „Шанел“ и на „Фенди“, но и архитектот Френк Гери кој работеше на зградата на Фондацијата Луј Витон што ќе се отвори следниот месец во близината на Париз, перформанс уметницата Синди Шерман, дизајнерот на чевли Кристијан Лубутан, концептуалната дизајнерка Реи Кавакубо од Comme des Garçons и еден од најзначајните индустриски и продукт-дизајнери во светот, Марк Њусон. Лагерфелд проектот го заокружи во фотосесија на секој од иконоборците и нивните производи, објавена во октомврискиот број на Harper’s Bazaar. Фотосесијата денес е ексклузивно објавена на сајтот на BoF.
Нема коментари