Посрамениот дизајнер Џон Галијано доби шанса да се врати на модниот врв преку неговото назначување за креативен директор за Maison Martin Margiela, модната куќа создадена од мистериозниот белгиски дизајнер Мартин Марџела. Вчера од компанијата најавија дека првата модна ревија на Галијано за куќата ќе се однесува на колекција од рангот на висока мода (artisanal) и премиерно ќе биде претставена во Лондон, во рамките на Модната недела на машка мода, а не на Париската недела на висока мода. Модниот спектакл е најавен за 12 јануари, во завршницата на машките ревии, а неколку дена пред отворањето на Париската недела на висока мода. Во соопштението на Maison Martin Margiela се вели дека женската кутур-колекција ќе биде исклучително претставена само во Лондон, на засега непозната локација, околу 17 часот, во перидот додека се пие чај.
Според Ренцо Росо, италијанскиот индустријалец која ја контролира модната куќа Maison Martin Margiela, изборот на Лондон е личен избор за Галијано и значи враќање на неговите основачки години и неговите почетоци во модната индустрија, и тоа е суштински поврзано со историјата и наследнството на традиционалното кроење карактеристично за градот и за познатата кројачка улица Savile Row. Дизајнерот веќе направи своевидно враќање на лондонската модна сцена кога минатата недела на Британските модни награди ѝ додели признание за исклучителен придонес во модата на уредничката на Vogue, Ана Винтур, која пак вечерта носеше фустан што специјално за неа го креираше Галијано под капата на Maison Martin Margiela.
Еден од најекстравагантните и најконтроверзни ликови во модата на сцената се појави на 1984 година, по студиите на Сент Мартинс, со ревија после која познатата Џоан Бирстин од бутикот Browns ја нарача неговата комплетна дипломска колекција и ја постави во излогот од својата продавница. Покрај тоа што подолго време развиваше сопствена модна линија, Галијано работеше како главен дизајнер во париските модни куќи „Живанши“ (јули 1995-октомври 1996) и „Диор“ (1996-2011). Во „Диор“ остана сè до анти-семитскиот и расистички испад во едно кафуле во Париз, по што експресно доби отказ од страна на менаџментот на куќата. Ангажманот во Maison Martin Margiela значи нова модна страница за дизајнерот, а модниот свет со нетрпение го чека 12 јануари и неговата нова колекција. (К. Т.)
Нема коментари