Модниот бренд „Сен Лоран“ често практикува да ангажира познати личности наместо манекени во своите рекламни кампањи, а во тек се подготовките за онаа за пролет 2015 во која креативниот директор на машките колекции Хеди Слиман избра две момчиња синови на познати актери. Прво го видовме 19-годишниот Џек Килмер, син на актерите Вал Килмер и Џоан Вајли, а брендот вчера ги претстави и промотивните фотографии со синот на Пирс Броснан, 17-годишниот Дилан. Џек и Дилан се фотографирани од страна на самиот дизајнер Слиман, а на црно-белите фотографии преовладува познатата естетика на Хеди за „Сен Лоран“ како класичниот смокинг, елегантни машки костуми и модни парчиња во рокерски стил. Малиот Броснан се занимава со музика, додека Џек ги наследи родителите во актерството и се појави во филмот „Пало Алто“ на Џиа Копола и веќе прошета на модната писта на последната ревија на „Сен Лоран“ што се одржа во јуни во Париз.
Нема коментари