Српскиот медиумски простор стана побогат со уште еден моден магазин – од денес се продава првиот број на Harper’s Bazaar, еден од најпрестижните модни магазини кој првпат почна да излегува во 1867 во САД, а денес има преку 30 светски изданија. На насловната страница на првиот, октомвриски број е Клаудија Шифер фотографирана од Себастијан Фаена, репринт од светските изданија, а покрај домашните теми ќе биде објавена и фотосесија со икони на стилот на денешницата, реализирана со стилистката Карин Ројтфелд.
Во последните години во Србија се појавија повеќе лиценцни изданија на познати списанија, како Cosmopolitan, Grazia, Elle, Esquire и други, а добивањето на франшиза за Harper’s Bazaar е уште еден модно-медиумски успех. Го издава компанијата Attica Media, претставува 31-во издание во светот, а уредник е Петар Јаношевиќ. Уредништвото за вечер најави голема забава во Белград со која ќе се прослави лансирањето на магазинот. Српскиот Harper’s Bazaar се очекува да се продава и во неколку регионални држави, најавено е дека ќе го има и во Македонија, а исто така наскоро се очекува и хрватско издание на магазинот.
Нема коментари