Каролина Гочева ја заокружи успешната година со голем спектакуларен концерт што се одржа во саботата во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а на кој изгледаше елегантно и моќно во бел фустан со структурален крој изработен по идеја на стилистката Цаци Паковска која повеќе од една деценија се грижи за модниот изглед на пејачката. Паковска го направи стајлингот за овогодинешните концерти на Каролина во Охрид и Битола, нејзин дизајн се креациите од серијата настапи што пејачката ги одржа во февруари годинава во МНТ, а го осмислува секој нејзин јавен настап. Пејачката често се наоѓа на листите на најдобро облечени македонски личности, покрај музички добива и модни пофалби, во што секако голем удел има соработката и стајлингот на Паковска. Ја контактиравме Цаци по концертот да ни објасни за последниот моден избор на нашата најуспешна пејачка.
-Сметам дека Каролина со тек на времето изгради свој имиџ по кој е препознатлива на македонската поп сцена. Јас како нејзин долгогодишен стилист, се обидувам да го погодам нејзиниот сензибилитет и се разбира да го следам оној стил за кој и двете веруваме дека е најдобриот за неа. При изборот на некоја креација, или пак при креирањето на некој фустан, веднаш помислувам на песната, настанот и правам избор на гардероба која таа би требало да ја носи. Се разбира, како стилист одлучувам за комплетниот нејзин изглед, вклучувајќи ги модните детали, чевлите, шминката и фризурата. Но, нашиот успех не може да биде реализиран без тимска работа. Долги години работиме една иста екипа, и затоа ни е многу лесно да се разбереме, а освен тоа и одлично се забавуваме кога сме сите на куп – ни отрки Паковска.
За последниот голем концерт на Каролина што се одржа во саботата Цаци се одлучи за еден едноставен, прочистен црно-бел изглед. Таа вели дека секој пат се обидуваат пријатно да ја изненадат публиката со стајлингот.
-Верувам дека и овој пат успеавме во тоа. Често пати сакам да си поигрувам со стајлингот на Каролина, да го задржам нејзиниот личен стил, но никако да не бидеме предвидливи. Односно кога луѓето очекуваат дека таа ќе се појави во свечен балски фустан, таа се појавува во кожена јакна. Уште пред два месеци точно знаевме како сакаме таа да изгледа за овој голем концерт. Во глава го имав фустанот, дилема ни беше бојата, но сепак на крајот се одлучивме за црно-бела варијанта, бидејќи сцената ја обожува оваа комбинација. Решивме да ги истакнеме најубавите делови од нејзиното тело, а со наборите и машната да додадеме елеганција и волумен на нејзиното тело. Чевлите ги купивме од Милано, од Џузепе Заноти, а накитот го земавме од „Тесоро“ Се работеше за златен накит, кој беше ситно избрусен и оддаваше впечаток дека се работи за накит со светкави кристали, што всушност и не беше. Во секој случај, формата, односно архитектурата на фустанот ни беше најважна. Што се однесува до шминката, секој пат се обидуваме да не експериментираме со многу боја и интензитет, бидејќи во преден план треба да се долови нејзината препознатлива природна убавина. За шминката се грижи Дадар, но на многу настани, Каролина ја шминкам и јас. За фризурата постојано се грижат Сретен и Јасмина од „Студио арт“, со кои, исто како и со Дадар, имаме одлична соработка и дружење. Идеите за фризури се мои, но екипата секогаш совршено ги спроведува моите идеи. Генерално кажано, со изгледот на Каролина никогаш не импровизираме, секој детаљ е посебно смислен и реализиран со посебно вниманиеи задоволство. На целата екипа која се грижи за изгледот на Каролина, ни останува и во иднина пријатно да ве изненадуваме со нашата работа – вели Паковска. (K.T.)
Нема коментари