Ако сте ги гледале филмовите на австралискиот режисер Баз Лурман запознаени сте со неговата спектакуларна естетика во која делумно допринесува неговата креативна сопруга и костимографка Кетрин Мартин. А вака изгледа кога Лурман во свој стил ќе ги декорира божиќните излози на луксузната њујоршка стоковна куќа Barney’s. Продавницата на авенијата Медисон изгледа спектакуларно однадвор со богато декориран златен венец со две празнични кралици, а потоа бајковиот израз на Лурман се забележува на излозите и во ентериерот. Целиот проект всушност е мултиплатформа наречена Baz Dazzled, а опфаќа и осмислување на божиќни настани, лампиони и орнаменти, детски играчки, амбалажа за украсување, подароци и предмети за уредување на домот. И самата забава по повод отворањето на празничната декорација на Barney’s беше во стилот на филмовите на Лурман („Мулен руж“, „Големиот Гетсби“, „Ромео и Јулија“) – микс на музика, танц, уметничко лизгање и театралност со заслепувачки сјај!
Нема коментари