Џорџ Клуни со години негодуваше да стапи во брак, но пред олтар конечно го одвед британската адвокатка Амал Аламудин, со која се венча во саботата во луксузниот хотел „Чипријани“ во Венеција. Викендот беше во знакот на Џорџ и Амал и нивните гости кои градот го шетаа со такси на вода. На свадба кај Џорџ се појавија неговиот близок пријател и кум Ренди Гербер со сопругата Синди Крафорд, Мет Дејмон со сопругата Луцијана, модната уредничка Ана Винтур, Емили Блант и Џон Красински, Боно Вокс со сопругата Алисон, Бил Мареј, родителите на Џорџ и неговиот братучет, актерот Мигел Ферер. Амал и Џорџ вчера се појавија за првпат како венчани, а вниманието го украде и модната креација што таа ја носеше – раскошен бел фустан украсен со шарени цветни апликации и со асиметрична дожлина, дел од последната колекција на висока мода на Џамбатиста Вали. На самата свадбена веселба се претпоставува дека Амал носела фустан од Сара Бартон за Александар Меквин, а скоро е сигурно дека Џорџ бил облечен во свечен костум од Џорџо Армани. Амал за време на свадбениот викенд во Венеција ја видовме и во други креации, прво во црно-бел фустан на пруги од Долче и Габана, а потоа и во необичен црвен фустан со црн принт од Александар Меквин. Иако веселбата се случи во саботата, Амал и Џорџ дури денес ќе се венчаат пред матичар.
Нема коментари