Додека трае промоцијата на новиот филм со суперјунаци на DC Comics, Suicide Squad, главните актери се појавуваат дотерани на црвениот килим на светските премиери, меѓу нив и оскаровецот Џаред Лето кој го глуми Џокер и кој постојано предизвикува внимание со својот моден избор. На пример, на лондонската премиера во средата се појави во необична и за многу мажи храбра комбинација – кој би се осмелил да облече бебешко розеви панталони, бели чорапи, црни бродарици и како врв на сето тоа светло зелено палто со дворедно запетлување какво што момчињата носат како мали деца!? Комбинацијата е всушност од последната колекција на Алесандро Микеле за „Гучи“, а Џаред како заштитно лице на оваа миланска модна куќа во последно време скоро постојано носи модели на брендот. Оваа последна комбинација е хит на социјалните мрежи, а медиумите открија фотографија на која се гледа точниот момент кога Лето всушност се „вљубува“ во зеленото палтенце додека седи во првиот ред на ревијата на „Гучи“ што се одржа овој јуни цо Милано. Погледнете ја таа фасцинација во неговите очи…
Додека сите си замисливме дека токму во тој момент Џаред Лето се одушевува на креацијата на „Гучи“, во изјава зa Vanity Fair тој ја објасни целата ситуација. „Жал ми е што ќе ви ги уништам мемињата. Перцепцијата наспроти реалноста. Ќе бидам искрен со вас, на конкретната фотографија всушност правам фаци на еден пријател од другата страна на пистата. Инаку, такво одушевување имам кон повеќето модни парчиња што „Гучи“ ги прави, бидејќи тоа се толку убави нешта. Ама во случајов само се зезав со еден пријател“. Новинарот на Vanity Fair го пецнал со следнава констатација: „Можеби ќе верувам дека изразот на лицето е момент на радост“, на што Џаред му одговорил „Или може да ја кажете вистинската приказна. Тоа би било интересно“.
Џаред Лето важи за модно освестена личност, актер и музичар кој предизвикува внимание со својата појава, еве неколку последни изгледи во кои носи комбинации на „Гучи“.
Нема коментари