По вчерашниот катастрофален пожар во славната париска катедрала Нотр Дам, мошне брзо со свои донации се огласија сопствениците на најголемите модни конгломерати во светот Kering и LVMH.
Прво соопштение испрати Франсоа-Анри Пино од Kering кој донира 100 милиони евра за обнова на црквата. Пино е извршен директор на Kering, компанијата сопственик на познатите модни куќи „Гучи“, „Ив Сен Лоран“, „Баленсијага“, „Александар Меквин“, „Ботега Венета“, „Бушерон“, „Бриони“ и многу други.
Утрово се огласи и неговиот најголем конкурент, Бернар Арно од групацијата LVMH. Од компанијата соопштија дека семејството и компанијата LVMH ќе донираат 200 милиони евра за реконструкција на ова историско здание. Групацијата исто така на државата Франција и на релевантните органи на располагање им ги дава сите свои тимови – вклучувајќи ги и креативните, архитектонските и финансиските специјалисти – да помогнат во долгиот процес на реконструкција.
Арно преку својата компанија е сопственик на брендовите „Луј Витон“, „Диор“, „Селин“, „Фенди“, „Живанши“, Moet и бројни други луксузни брендови на часовници, пијалаци и козметика.
Пино и Арно се сметаат за најбогатите Французи и меѓу првите се огласија со донација и помош за обнова на неверојатната катедрала, симбол на Париз и Франција.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари