Француската дизајнерка стана позната по тоа што создава книги за носење – необични клач-чанти рачно везени со мотив позајмен од кориците на највпечатливите литературни дела. Изработени од свила и волна, во последниве сезони креациите во облик на книга на Ле-Тан станаа дел од стајлингот на холивудските актерки. Па така, Натали Портман избра чанта направена според „Лолита“ на Владимир Набоков, Клеменс Поези се шета со „Убавицата и ѕверот“, Мишел Вилијамс модно ја прочита „Ловец во житото “ на Џ.Д. Селинџер, а Клое Севињи го обожава „Моби Дик“.
Чанта од Олимпија Ле-Тан избра и Кети Пери на црвениот килим на последното доделување на Американските музички награди. Деновиве во склоп на уметничкиот саем Арт Базел во Мајами Ле-Тан ја претстави новата клач-креација инспирирана од книгата ABC на британскиот уметник Демјан Хирст, а исто така отвори и своја поп-ап продавница во париската стоковна куќа Galleries Lafayette.
Олимпија Ле-Тан креира и облека, но стана препознатлива по „интелектуалните“ чанти преку кои ги редизајнира кориците на класичните литературни дела и ги трансформира во интригантни модни додатоци. Впечатливите чанти станаа хит и кај модните блогерки и светските трендсетерки.
Парижанката Олимпија е ќерка на познатиот илустратор Пјер Ле-Тан, по студиите по уметност влетува во модата преку стажирање во модната куќа „Шанел“, потоа шест години работи во ателјето на „Балман“, за да на крајот отвори сопствена етикета.
Нема коментари