Во атмосфера налик на џунгла, атрактивните Маја Ристевска и Марјана Станојковска го доловија инстинктот на новата колекција на познатата креаторка Антонија Ристовска. Со фотографскиот тандем Ани и Дими, деновиве реализира едиторијал за колекцијата есен-зима 2013/14.
Водејќи се од темата „Инстинкт” и целата атмосфера што ја поттикнува оваа водечка точка, фотографиите за оваа колекција се богати со колорит кои ги оплеменуваат моделите и го будат инстинктот во секој поглед. Преубавите девојки во замаглена атмосфера, растенијата кои потсетуваат на големите диви шуми во Амазон и вистинските змии ги прават фотографиите прав пандан на убавици среде џунгла. За првпат во Македонија, покрај стандардните фотографии беше употребена техниката синемаграфи на таканаречени „движечки фотографии” кој уште повеќе ја истакнуваат лелеавоста на моделите.
-Задоволна сум како излегоа фотографиите, посебно неколкуте движечки, што за прв пат во Македонија благодарение на Ани и Дими се остварија на дело. Многу ми е драго што секоја фотографија буди емоција на свој начин, од разнежнети и смирени, до остри и диви, со малку страв. Како и што ми беше замислата на комплетен начин едиторијалот ја отсликува колекцијата. Проектот е успешен благодарение на сите што учествуваа во реализацијата. Модели се Марјана Станојковска, која е најсексипилната девојка кај нас и Маја Ристевска- во моментов најдобрата манекенка кај нас. Шминката и фризурата се на маестро Зоран Шурбевски. Змиите се вистински и за едиторијалот ни ги отстапи Војо Иванов. Маја ги доживеа како моден детаљ и како што се гледа уживаше во нивно друштво-вели Антонија Ристовска.
Со моделите, кои премиерно ги претстави на есенското издание на Модниот викенд- Скопје, се во допир со основниот инстинкт, со природата и со дивата страна во себе. Тие се слоевити, елегантни и секси, наменети за силни жени, полни со самодоверба. Креаторката се задржала на женственоста и на елеганцијата, препознатливи за нејзините колекции.Линијата е свежа, динамична и помладешка и урбана колекција, во која ќе може истовремено да се препознаат и младите девојки и дамите во средни години. Во дизајнот на некои од материјалите има животински мотиви, како асоцијација за будење на инстиктите и враќање кон природата.
Моделите од колекцијата се во стилот на 60-тите и 80-тите години, и воедно ја нагласуваат женственоста и страста која доаѓа одвнатре, во стил на умерена елеганција.
Во аутфитите доминираат корсетирани, слоевити, долги и кратки фустани, корсети, фустани со мека форма, панталони… Во изработката се користени материјали со потекло од Италија: шифон, тантела, органза, материјали со животински принтови, а боите се боја на сафари, крем во комбинација со виолетова или темно тиркизна, темно сина, црвена, бела и боја на ванила.
Фотографи: Ани и Дими
Модели: Марјана Станојковска и Маја Ристевска
Шминка и фризура: Зоран Шурбевски
Змии сопственост на Војо Иванов
Нема коментари