Парижанките се вечна инспирација за стил – епитом на шик изглед, извежбани за ноншалантно спојување на облеката, ја знаат моќта на класичните парчиња како малиот црн фустан, мантилот и белата кошула, одлично се негуваат и не се маскираат со многу шминка, уживаат во јадењето и пиењето вино… Од Кетрин Денев, Брижит Бардо и Лулу де ла Фелаз, до Клеменс Поези, Инес де ла Фелаз и Каролин де Мегре, француските модни икони ни се стилска инспирација, а Париз и понатаму го сметаме за центарот на модата и домот на најзначајните модни куќи како „Диор“,, „Луј Витон“, „Сен Лоран“ и „Шанел“.
Има нешто во нивното, се чини вродено, чувство за стил, кое фасцинира и инспирира… Зрачат со посебна префинетост и елеганција, дури и кога се облечени во обична маичка, фармерки и балетанки. Следниве правила за париски стил може да ви помогнат да го постигните нивниот шик изглед.
ПРУГИ
Ако сакате да имате вистински париски шик изглед почнете со линиите, по можност оние бретонските, кои ги носела и Коко Шанел. Приказната е дека славната Коко се вљубила во сино-белиот дезен кој го забележала на дебелите џемпери на рибарите во Бретања. Според закон француските морнари уште од 1858 година морале да носат униформа – џемпер со сино-бели ленти, кој во оригиналниот дизајн имал 21 ленија, по една за секоја победа на Наполеон.
Коко креациите со пруги ги вовела во совремата мода претставувајќи ги во колекција во 1017 година. Да спомнеме дека таа колекција е првата во историјата на модата со предзнак cruise. Денес, скоро сите имаме маица или блуза на пруги, нели? За малку француски стил овие модели комбинирајте ги со летни широки панталони.
ПОМАЛКУ Е ПОВЕЌЕ
Едноставноста и елеганцијата се основа на парискиот стил. Се носат класични парчиња, а едно од основните правила на облекување е да не се претера со накит и модни додатоци.
НИСКИ ПОТПЕТИЦИ
Реткост е да видите парижанка како ги врши секојдневните обврски со високи потпетици на нозете. Затоа, бирајте што е можно пониски чевли. За среќа, последниве сезони се носат ниски обувки, оксфорд-чевли, балетанки, мокасинки и модел со мали kitten-потпетици. Одлично се комбинираат со фармерки и едноставна бела кошула, но и со црн фустан.
МАШКИ КРОЕВИ
Современата женствена жена не бега од строгите линии. Комбинацијата од костим со машки крој, облечен на голо тело е толку многу женствена и заводлива. На ова следи едно парче накит, секси потпетици и усни обоени со црвен кармин.
БЕЛА КОШУЛА
Задолжително инвестирајте во квалитетна бела кошула со едноставен крој и комбинирајте ја со фармерки, црн блејзер и балетанки.
ОЧИЛА ЗА СОНЦЕ
Независно од она што го имате облечено, очилата за сонце со малку поголема рамка се завршниот момент и одговараат на секаков стил.
МАНТИЛ
Како само добро Кетрин Денев го носи бежовиот мантил во сцените на култниот „Чадорите на Шербур“ (Les Parapluies de Cherbourg, 1964)… Дополнето со панделка во косата и со чевли со ниски потпетици, овој изглед и денес би поминал како модерен.
НЕУТРАЛНИ НИЈАНСИ
Парижанките можат да изгледаат многу импресивно и без јаки бои на себе. Ако го следите ова правило, изберете неутрални тонови како што се беж, светлосива, и се разбира, црна, бела и тегет.
ЛЕЖЕРНИ ПАРЧИЊА
Облеката мора да биде удобна и практична. Само внимавајте да не се опуштите премногу во лежерноста, па да добиете несреден изглед.
МАЛИОТ ЦРН ФУСТАН
Го носиме уште од 1926 година благодарение на Коко Шанел. Тешко е да се зборува за париски шик без малиот црн фустан, но и тешко е да се замисли женски гардеробер без него. Иако е на крај на оваа листа, препорачуваме да се најде на врвот на секоја женска листа на парчиња што треба да се поседуваат.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари