Гламур и женственост се главните теми во новата колекција за есен-зима 2014/15 на модната куќа „Живанши“. На ревијата прикажана во Париз, дизајнерот на брендот Рикардо Тиши одлучи да отстапи од естетиката инспирирана од уличната култура и блузоните со Бамби со кои беше актуелен во последните сезони и прикажа креации кои се поблиску до наследството на основачот на куќата, Ибер де Живанши. Се разбира, во многу помодернизирана верзија.
Новата колекција го дефинира дамскиот изглед според креативниот печат на Тиши – свилени блузи со меки набори, шарени фустани до колена и подуени крзнени палта. Носечки модели се фустаните, блузите и здолништата кои ги има во различни форми, шари и бои. Во однос на шарите доминираат апстрактни мотиви, пеперутки и животински принт, како и геометризирани блокови боја и линии кои реферираа на стилот на Баухаус, со чија помош се обезбедува нова димензија на облеката. Во финалето видовме неколку моќни изгледи од корсетиран топ и црни плисирани и проѕирни здолништа.
Нема коментари