За претставувањето на новата колекција на својот бренд DKNY, дизајнерката Дона Каран ангажираше „реални“ њујорчани, односно интересни луѓе кои не се занимаваат со манекенство, но совршено го доловуваат духот на Њујорк. „Брендот DKNY се однесува на улиците на Њујорк, енергијата на Њујорк, луѓето на Њујорк. Погледнете го нивниот стил, фризурите, изгледот, ние дизајнерите се обидуваме да држиме чекор со нив“, рече Каран за инспирацијата на колекцијата и за изборот на модели кои се појавија на ревијата во рамките на Њујоршката модна недела.
Но, без грижа, на ревијата за колекцијата за есен-зима 2014/15 прошетаа и професионални модели, меѓу кои беше и андрогениот манекен/ка Андреј Пејиќ, а во првиот ред седеше Рита Ора која е заштитно лице на брендот. Но, шоуто го украдоа „реалните“ без кои всушност нема да постои модата и за кои реално е наменета модата. Меѓу новите „манекенки“ има биолог, ТВ презентерка, диџеј, менаџерка на ноќен клуб, тату-мајстор, неколку студенти и други интригантни ликови.
Новата колекција на DKNY наречена New York Mash Up! e збир на урбани модели на ивица на хипстерски изглед. На пример, црна парка јакна со крзнена јака комбинирани со црни елегантен фустан во стилот на 20-тите, патики со дебел ѓон, кратки чорапи и качкет. Покрај ефектните парка јакни и капути со крзно, внимание привлекоа мини фустаните од флуоресцентна тантела, сакота со животински принт и пепито дезен, дуксерите со буквата D, фустаните и другите креации од кожа. Главна боја е црната, а употребени се и сива, жолта, бела и кобалатно сина.
Нема коментари