Модната публика и критиката со нетрпение го чекаше првото претставување на Рикардо Тиши како нов креативен директор на старата британска модна куќа „Барбери“ за да види какви промени и стилови ќе донесе новиот дизајнер. И го дочекаа вчерашното деби на Тиши со колекцијата за пролет-лето 2019 која што се состоеше од преку 130 комбинации за жени и мажи поделени во неколку категории.
Првиот дел е посветен на класичниот стил на „Барбери“ преку бежови парчиња и препознатливи мантили, лесни фустани со дефинирана половина и строги костуми. Но, веќе во вториот дел се менува приказната и дизајнерот решил да направи микс на повеќе трендови истовремено – кратки палта и парчиња со животински принт, вечерни фустани со златни реси, нитни и светки, маици со слогани и аплицирани фотографии, нови кроеви на мантили и посмели комбинации.
Тиши очигледно направил студија на традиционалните стилови на куќата и одлучил да ја го претстави диверзитетот на Британија мешајќи класика и референци на панк, и во исто време да ги вметне своите омилени мотиви. Вчерашната модна ревија на „Барбери“ се одржа во рамките на Лондонската модна недела во просторот на една стара пошта, а беше употребена музиката на Massive Attack. „Барбери“ најави дека 24 часта после ревијата колекцијата ќе почне да се продава на Инстаграм.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари