Присутна четири години на домашната дизајнерска сцена, Емилија Дамјановиќ која креира под името Еми Норис која е активна како дизајнерка на накит, сега ја промовира својата прва модна колекција со облека, односно модната линија „Фанкахолик“.
-Ова е капсулна модна колекција и се состои од 10 уникатни парчиња облека, кои може меѓусебно да се комбинираат, како и неколку парчиња накит. Колекцијата е младешка и бунтовн, но во исто време женствена и секси. Се однесува на урбаната жена бунтовник. Има влијание од панкот во деталите како нитни, патенти, синџири, тартан (карирани) дезени. Како концепт е своевидна корелација меѓу модата и социјалниот дизајн. Има за цел да го подигне нивото на свеста за улогата на модата и стилот во развојот на општествена одговорност – вели Еми Норис.
Во колекцијата застапени се црна, бела, сребрена и црвена боја, карираран дезен, како и крупни текстуални принтови. Изработена е од исклучиво природни и полуприродни материјали како памук и вискоза, така што колекцијата е мошне пријатна за носење и има „еко френдли“ предзнак. Во колекцијата е вметнат и накит од изработен од текстил, метал, нитни и акрилик.
- Инаку ова е мој трет проект од областа на моден дизајн. Првиот беше во рамките на обуката за моден дизајн кај Никола Ефтимов, а колекцијата инспирирана од хистеријата и „Бел епок“ беше промовирана на модна ревија во Музејот на современа уметност во Скопје во 2002 година. Вториот беше дизајн на етно костим за етаблираниот хор Св.Злата Мегленска,за првпат прикажан на УНЕСКО концертот за мир во април 2009 година, во театарот Ла Фениче во Венеција, Италија – објаснува дизајнерката.
Колекцијата ќе биде достапна во концептуалната продавница на центарот за дизајн Јавна Соба како и онлајн на сајтот www.eminoris.mozello.com. Со оваа колекција Еми Норис ќе учествува на третото издание на саемот за современа уметност и дизајн Паратисима, што ќе се одржи од 10 до 12 јуни во МКЦ.
Фотографија: Еми Норис/ Модел: Катерина Микрут
Нема коментари