Во Францускиот институт во Скопје отворена е модната изложба „Носиме УМЕТНОСТ/ llevamos ARTE/ nous portons l’ART“, составена од модни креации на студентите на ТМФ – Институт за текстилно инженерство кои под креативно водство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева креираа инспирирани од делата на еден од најголемите уметници Пабло Пикасо и сликарскиот правец кубизам. Изложбата е организирана од страна на Францускиот центар во соработка со Амбасадата на Шпанија и професорката Георгиева од ТМФ.
Овој омаж на Пикасо и кубизмот ги поврзува светот на уметноста и модата, уште еднаш покажува како модата често се инспирира од уметноста, а целиот проект ги обединува Македонија, Шпанија и Франција, како што на отворањето истакнаа Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје, Ана Гарсија, заменичка на амбасадорот на Шпанија и Лидија Георгиева, професорка на ТМФ, кои се обратија на присутната публика. Пикасо е по потекло од Шпанија, живеел и творел во Париз и Франција, како што и Георгиева 20 години живеела и работела на модната сцена во Париз. Скопје и Пикасо се поврзани на своевиден начин – Пикасо подарил своја слика на градот, како знак на солидарност по земјотреот во 1963 година.
Во излогот на Францускиот институт на манекенски кукли поставени се дизајни на студентите инспирирани од неколку познати дела на Пикасо, а под секој дизајн стојат и фотографии на конкретните слики на Пикасо кои што ги поттикнале младите автори во креирањето мода.
-Прикажувајќи ги дизајните на студентите од ТМФ, во овој проект инспирацијата и пристапот во креативниот процес беше артистичката продукција на Пикасо. Како еден од основачите на кубизмот, тој има значителен придонес за целокупниот развој на модерната уметност во 20 век. Преку новите техники кои ги користи во сликите, колажот, скулптурите, керамиките, грaфиките, тој внесува револуција во начинот на гледање и конципирање на уметноста .
Сакајќи да ги покажат работите онакви какви што навистина се, а не само како што изгледаат, кубистите во своите дела ги анализираат субјектите, ги фрагментираат и повторно ги составуваат во оригинална, апстрактна форма. Со енергија на нова и инвентивна ароганција, тие ги прикажуваат предметите низ раскршена перспектива, прикажувајќи ја тридимензионалната реалност на дводимензионално платно. Пред повеќе од 100 години, со овој револуционерен пристап на дефрагментирање и користење на геометриски форми од различни перспективи, со цел да се прикаже целата структура на предметите, кубизмот се вбројува меѓу највлијателните уметнички стилови на минатиот век – стои во известувањето за оваа модна изложба.
Поставените модни дела во излогот на Францускиот институт се дел од креациите на студентите на ТМФ премиерно прикажани во декември минатата година на модниот настан „Носиме УМЕТНОСТ/ llevamos ARTE реализиран со поддршка на Амбасадата на Шпанија.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на февруари.
К.Т. (Фотографии Stylis.mk)
Нема коментари