Балски фустани во стилот на високата мода, необични свилени наметки и драматични велови – ова вообичаено се секојдневните модни парчиња на руската дизајнерка Улијана Сергеенко. Преку својот моден стил таа прави неспоив спој на гламур и улична мода. Како дел од таканаречената „руска улична мафија“, прво стана дел од московската друштвена сцена, па беше забележана на улиците на Париз и Милано за време на познатите модни недели, за потоа и самата да стане дизајнер. Дебитираше во Париз, во јули 2012 година и тоа со колекција на висока мода.
Како сопруга на руски милиjердер има можност (и финансии) да си ги дозволи најлуксузните парчиња облека од најскапите светски брендови, но Улијана успеа да ја одбегне кич-иконографијата на новопечените руски богаташки и комбинира парчиња облека и модни додатоци со скоро аристократска прецизност и космополитска разиграност. Таа е смела на начинот на Дафне Гинис, но е далеку од понекогаш пренападниот егзибиционизам на Дафне, и повеќе преферира елегантна варијанта на ексецентричност. Ќе ја забележите на поважните светски модни настани, заедно со Мирослава Дума, Вика Гажинска и Лена Перминова, облечена во тоалета со нагласена половина, волуменозно здолниште, необична шапка, а може да ја видите во балски фустан дури и преку ден. Томи Тон, познатиот фотограф на улична мода ја нарекува модерна Ана Карењина. Едноставно, Улијана знае како да остави впечаток со својот единствен моден стил!
Нема коментари