Да се следи сопствениот креативен израз, притоа да се биде секогаш свеж и поинаков, и мошне самоуверено да се следат светските тенденци и вметнуваат на свој начин секако дека е квалитет на секој добро изграден моден дизајнер . Ова го постигна и Росица Мршиќ на вчерашната ревија со која се отвори 13-тото издание на Моден викенд –Скопје. Таа во колекцијата за пролет-лето 2016 продолжува да го следи својот „карактеристичниот вокабулар“, истовремено претствувајќи нова сторија и полежерна и пофлуидна силуета, една модерна смиреност само повремено испрекината со структурални елементи.
Дизајнерката често се инспирира од сликари или уметнички правци, овојпат тоа се женските ликови од делата на Амадео Модилјани, што Росица го дефинира преку модерна силуета и меки и смирени линии во форма на синусоиди испреплетени во игра за да дадат опуштена и заоблена заводлива женска фигура.
Мршиќ престави серија на кратки горни делови со минималистички крој и конусна форма, најчесто комбинирани со широки и килот панталони кои се тенденција овие сезони, и со золништа карактеристични набрани фалти. Нуди и модерни комбинезони и долги фустани со испреплетени линии, но и кратки фустани со рамен крој или со средна должина со нагласена половина, како и палто со навидум едноставна форма, но сепак со покомплексен крој.
Во однос на колоритот и принтовите карактеристични за дизајнерката, оваа колекција и во овој аспект нуди смиреност, доминација на белата и црната, темно сини тонови со металик финиш и на материјали со ненападни шари и интересни текстури. Стајлингот е дополнет со деликатна шминка со акцент на усните, залижани фризури со структурални шишки, како и микс на ниски и сандали со високи потпетици кои ја продолжуваат модната игра на линии, избрани од бутикот ВИА. (К.Т.)
Нема коментари