Со ревиите на домашната креаторка Сара Реџиќ, на дизајнерите гости Марко Фехер и Милан Зејак и со прикажувањето на еколошкиот проект на студентите од Технолошко-металуршкиот факултет, се заокружи третиот и последниот ден на Моден викенд-Скопје за оваа сезона. Во зградата на Европски универзитет, односно во стара печатница пренаменета за настанот во авангарден простор, се случуваше модно дружење, ревии на европски и домашни дизајнери, претставување на шоурум и изложба.
Во вчерашниот ревиски дел први се претставија студентите од ТМФ. Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие работеа на проект РЕЦИКЛИРАЊЕ кој се занимава со проблематиката на сочувување на животната средина. Оттука потекнува инспирацијата за оваа ревија наречена „Реинкарнација“.
Публиката воодушевено ги поздрави и креациите на босанскиот талентиран дизајнер Марко Фехер, кој и овојпат ги помести границите, прикажувајќи единствен спој на на традицијата и футуризмот, односно уличната и високата мода. Колекцијата „Kozara Ethno Fusion“ на сосема нов начин покажува дека карактеристичните елементи на народната носија се и денес носливи на градските улици.
Она што везот бил во минатото, сега е принтот. Колоритот е ограничен – црната, белата и црвената се испреплетуваат и вo машката и во женската колекција, додека нагласените рамена, предименизинираните парчиња, по малку футуристичките здолништа и интересните јакни на копчање ѝ даваат на целата приказна ултра модерна нота.
Српскиот дизајнер Милан Зејак во колекцијата за есен-зима 2019 година го развива интересoт за правоаголните форми и како тие може да ги сменат заоблените кроеви во класичните елементи на шиењето. Резултот се волуменозни, драпирани и повремено лелеави современи парчиња, со реминисценција на традиционалната јапонска облека, како и западната „флапер“ ера во 20-тите години на минатиот век.
Честа да го затвори настанот ѝ припадна на македонската дизајнерка Сара Реџиќ. Колекцијата „Pure Love“ е за сезоната пролет-лето 2019 и содржи дваесет и пет изгледи. Сите креации се изработени од природни материјали, а наменети се за секоја девојка и жена што ги сака веселите бои и шаренилото. Да ја обои пролетта со љубов и разиграни чувства, кои впрочем самата пролет ги буди во нас. Колекцијата е надополнета и со мини колекција на рачно изработени чевли во соработка со Катерина Микрут, пријателка и колешка на дизајнерката.
Во саботата вечер ги видовме колекциите на трите млади дизајнерки Евгенија Зафировска, Марија Кулушиќ и Софија Урумовиќ, чијшто именител е иновативноста, а потоа и на Маја Кикириткова и брендот Arthropoda.
Дизајнерката Маја Кикириткова, после прикажувањето на новата колекција преку едиторијал, своето враќање на модната сцена го нагласи и со ревија на Моден викенд. Под името на нејзиниот бренд Eleazar таа претстави пролетна колекција наменета за сите динамични жени, овозможувајќи им одговор за секој нов предизвик во денот. Парчињата се во препознатливите сезонски пастелни нијанси, надополнети со белата и црната како задолжителни бои во орманот, а зачинети со нежна тантела, како водечка нита во самата колекција. Жената во Eleazar секогаш ќе биде уникатна, а воедно ќе се чувствува удобно и женствено.
Евгенија Зафировска се претстави со колекцијата „Relation Between What I See andWhat We Know…“, инспирирана од инсталационата уметност, а со акцент на одржливоста, занаетчиството и естетиката. Идејата на перспективната македонска дизајнерка со словенечка адреса е да ги интегрира традиционалниот и модерениот стил, односно реинтерпретира концептот на традицијата и рачната изработка на нов и иновативен начин.
Марија Кулушиќ е добитничка на наградата Elle Style за најдобар млад дизајнер во Хрватска. Нејзината колекција „It Feel Apart” открива силен контраст помеѓу модните парчиња, а особено меѓу текстилите. Наспроти строгите форми на сакоата и капутите, свилените парчиња имаат единствен природен дезен. Применети се различни техники и методи на бојадисувње, за кои е потребно одредено време да доведат до посакуваниот резултат. Поголемиот дел од свилата е нијансирана со камилица, цикорија, кафе, црн чај и ‘рѓосани предмети.
Kолекцијата „What’s Her Face“ на Софија Урумовиќ, пак, се занимава со начинот на кој ликот како мотив се набљудува и интерпретира, кога е прикажан во апстрактен манир преку облеката. Со идејата да се преосмилат секојдневните објекти, како и да се реконструира и ресетира она што сме навикнати да го гледаме во секојдневниот живот, таа развива сосема нов пристап за дизајнирање на облеката.
Ја видовме и колекцијата „Artp Fall ‘19“ на смелиот бренд Arthropoda, чии креации претставуваат омаж за жената. Жената која е уметник, лидер, бунтовник и инфлуенсер во општеството. Таа е мрачна, но прекрасна, различна, но извонредна. Фокусот на колекцијата е ставен на плетивата, давајќи им специјален пресврт преку истражување на нови форми и комбинација на детали. Парчињата се направени од висококвалитетни материјали и надополнети со уникатни аксесоари.
За време на трите дена на Моден викенд внимание привлекоа шоурумот „Обединета мода“ и изложбата на „ИВАН АСЕН 22“.
На отворањето на овосезонскиот Моден викенд видовме моден перформанс со европски дизајнери кои изложуваа во шоурумот, потоа колекција на Јилка Брада и креации на студентите по моден дизајн при Европски универзитет.
ФОТОГРАФИИ: AD Photography
Нема коментари