Во присуство на многубројна модна публика, минатата вечер официјално беше отворен шоурумот „Обединета мода“, со што се означи почетокот на деветнаесеттото издание на Моден викенд-Скопје. Гостите имаа ексклузивна можност одблизу да се запознаат со работата на 28 европски дизајнери и брендови, чиишто најнови колекции се изложени на промотивните штандови во зградата на Европски универзитет. Нивните креации подоцна беа претставени и на заедничката ревија што ги обедини нивните различни естетски визии за сезоната есен-зима 2018-2019.
Претставување имаа и студентите по моден дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет со модна ревија на тема „Ив Сен Лоран и јас“. Учествуваа осумнаесет студенти и идни модни дизајнери кои прикажаа 55 модни изгледи, посветени и инспирирани од славниот француски моден гениј Ив Сен Лоран.
Студентите имаа предизвик да направат сопствена интерпретација на креации од различни периоди на неговото творештво до 2002 година, кога тој се повлекува од создавањето модни колекции. Различните културни и уметнички влијанија, како модерната уметност, азиските и афричките култури, но и изразениот француски шик се препознатливи за неговиот моден идентитет. Токму оваа ревија беше предводничка на претстојното предавање за влијанијата во неговото творештво „Ив Сен Лоран: инспирациите на модниот гениј“, кое ќе го одржи Орели Самуел, директорка на музејот „Ив Сен Лоран“ во Париз, на 8 мај во просторите на Европскиот универзитет.
Програмата на првиот ден ја заокружи новата колекција „Prénda“ на познатата косовска дизајнерка Јилка Брада, чијашто муза е божицата на љубовта и убавината, есенцијата на секоја жена што некогаш чекорела, или, пак, ќе зачекори на планетата Земја. Таа е извор на непресушна инспирација. Таа е жестока, забавна и кревка. Таа е интелигентна и страсна, издржлива и емотивна. Таа ја покорува светлината и темнината. Таа е практична и го исполнува светот со магија. Таа е убава одвнатре и однадвор. Таа ја отелотворува љубовта.
Колекцијата „Prénda“ е за вистински жени и одговара на сечиј женски карактер. Сите модни парчиња од неа ги слават аспектите кои ја прават секоја жена божица на убавината и љубовта.
Паралелно со споменатите ревиски случувања, своевиден празник за сетилата претставуваше и модната изложба придружена со филм од концептуалната платформа за европски дизајн „Иван Асен 22“, која по успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, конечно стигна и во нашата земја.
UNITED FASHION
ЕВРОПСКИ УНИВЕРЗИТЕТ
ШОУРУМ
ЈИЛКА БРАДА
ИВАН АСЕН 22
ФОТОГРАФИИ: AD Photography
Нема коментари