Модната изложба „Свадбени приказни“ го отвори есенското издание на Моден викенд-Скопје вчеравечер во Музејот на Македонија. Проектот „Свадбени приказни“ е во организација на Музеј на Македонија, Европски Универзитет во РМ и Британски совет во Македонија. На отворањето на модната изложба се обратија директорката на Музејот на Македонија Мирјана Нинчевска, Кендал Робинс програмски менаџер во Британски совет Лондон и професорката Гордана Вренцоска од Европскиот Универзитет на РМ која ја прогласи модната изложба за отворена.
Студентите од моден и графички дизајн, во соработка со студентите од дизајн на ентериер и кустосите од Музејот, на изложбата која ќе трае се до 8 ноември ќе претстават дизајнерски раскажани приказни преку кои даваат свои, современи интерпретации на облеката, текстилот и накитот од локалните свадбени традиции. Во сценографијата се вметнати и експонати од изложбата „Црвен петел – црна кокошка“ на Музејот на Македонија.
За шминката на моделите од модната агенција „Подиум“ кои беа дел од изложбата, се погрижи Анастасија Јордановска во соработка со Gosh, а за фризурите Едукативниот центар „Кариера плус“ во соработка со Lakme. Ивана Јанева Попов, стручен соработник од Vichy кои се официјален дерма бјути партнер на Моден викенд Скопје 12, пред присутните објасни за важноста на здравата кожа.
На првиот ден од Моден викенд посетителите уживаа и во киното наречено Lotus cozy cinema во кое беа прикажани кратки модни филмови од програмата Dressing the Screen обезбедена од Британски совет во Македонија. Ревијалниот дел на Моден викенд почнува вечерва со ревијата на Игор Марков во Музејот на Град Скопје.
Нема коментари