Под слоганот „What feeds your imagination?“ од 30 март до 1 април ќе се одржи 17-тото издание на Моден викенд Скопје. Во нов и необичен амбиент – Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, изминатиот викенд пред фото објективите застана новата FWSK девојка од модната агенција „Подиум“ Мануела Гочевска.
-Водени од мислата дека несекојдневното место е всушност и најдоброто место за да ги видите пролетните колекции, токму во библиотеката ќе ве пречекаме на седумнаесеттиот Моден викенд Скопје. Модата се смета за еден од најголемите визуелни феномени веќе со децении и она што одамна ги помести границите меѓу уметноста, литературата, архитектурата и формите. Резултат на интеракцијата меѓу модата и уметноста е имагинацијата. Преку модните креации сакаме да ги прочитаме, ослободиме и предизвикаме имагинациите и визуелната култура кај сите модни вљубеници-велат организаторите.
Моделот Гочевска е облечена во колекцијата на „Mango“ и Fashion Group Macedonia. За фризурата се погрижи „Rebeel“ во соработка со Даниел Артевски а за шминката Зоран Шурбевски. Фотографиите и видеото од снимањето ги потпишува Марина Трајковска а графичкиот дизајн на имиџ-насловната Дејан Зафировски.
Нема коментари