Под називот Le Brand ft. The Muses дизајнерката Лили Кадинска во петокот организира моден перформанс пред Офицерскиот дом- Битола. На ревијата беа претставени највпечатливите креации од досегашните колекции на нејзината етикета „Ле бренд“, со стајлинзи изработени од неколку дами-пријателки и соработнички на Кадинска од Битола. Тие се појавија во финалето на шоуто, а беше изработен и едиторијал со талентираниот фотограф Владимир Видановски.
-Во проектот поканив неколку мои пријателки и соработнички, кои се активни во јавниот и општествен живот во Битола и пошироко. Сите тие на некој начин, преку своите дела, придонесуваат за развивање на културната и општетствена свест. Ги нареков музи зашто секоја од нив сметам дека е доволно посебна и инспиративна за биде нечија муза. Целта ми беше пред сè на крајот од едно работно лето да излеземе малку од рамките на клишето и самото учество на овој настан да биде повеќе забава отколку обврска. Првичната замисла беше преку креациите на „Ле Бренд“, во комбинација со парчиња од личниот ормар на овие девојки, да го претстават својот стил и нивната перцепција и доживување на моделите на „Ле Бренд“. Но на крај излегоа стајлинзи кои наликуваат на моден едиторијал. Ова дефинитивно беше искуство што јас и дамите кои учествуваа би го повториле уште еднаш- вели Лили Кадинска.
Во проектот беа вклучени м-р инж. архитектка Елена Стојчева, уредничката, новинарка и водителка во „Тв Тера“, Неда Маретиќ, познатата активистка, блогерка, феминиста и преведувачка Ана Василева, главната и одговорна уредничка на „Битолски весник“, Васка М. Младеновска, м-р инж. архитектка Марија Петровска и Ангела Христовска-графичка дизајнерка и сопственичка на онлајн магазинот „Олабај“.
Модната ревија се одржа во рамките на деветтото издание на летната културната манифестација „Бит-фест“ . (А.Н.)
Фото: Владимир Видановски
Нема коментари