Македонската дизајнерка Ирина Тошева само неколку дена по претставувањето на колекцијата Cloud 9 во рамките на „Моден викенд-Скопје“ објави фотосесија во која позираат Елена Гугоска, Кјара Гоља, Ана Ежова и Марко Аврамоски. Фотографиите ги направи Фросина Илиевска, шминката е на Виктор Мирчевски, фризурата на Studio Allure, а на постпродукцијата работеа Кристина Манчева и Фросина Илиевска.
Облечете се во ритамот и боите на природата и дозволете им на вашите сетила да го прифатат предизвикот – ова е пораката на креативниот тим на фотосторијата за колекцијата наменета за пролет-лето 2014. Фотосесијата е направена во природа, а креациите нè враќаат наназад во едно друго време и стилови карактеристични за 70-тите години. Колекцијата е насловена Cloud 9, израз кој според Тошева претставува дефинирање на еуфоричното чувство на лебдење во воздух во моменти на среќа.
-Колекцијата нè води на прошетка во еден подзаборавен орман. Бев инспирирана од избледените семејни фотографии преку кои што ги запознав своите родители во нивната младост – вели Ирина Тошева.
Колекцијата е составена од 14 изгледи за жени и мажи. Во духот на носталгијата за 70-тите застапени се графички принтови на памучни ткаенини во жолта, сина, зелена и розова боја. По FWSK следно ревиско претставување на оваа колекција е во Виена, на манифестацијата Balkan Fashion Emotions Days што ќе се одржи месецов, а креациите се достапни за домашниот и межународниот пазар преку првата македонската интернет продавницата за еко мода bastetnoir.com
Нема коментари