Во сенка на Брегзит, и потопени од пороен дожд и многу кал, минатиот викенд се одржа најголемиот летен музички фестивал во Велика Британија – Гластонбери 2016. Покрај бројните музички ѕвезди на сцената, овој настан го посетуваат и многу популарни личности од светот на модата, филмот, музиката, шоу-бизнисот… Годинава главни изведувачи беа ѕвезди како Адел, „Мјуз“, „Колдплеј“, Рошин Марфи, Сигур Рос, „Фолс“, „Едиторс“, „ЛЦД Саундсистем“, „Андерворлд“и други.
Во нивните настапи уживаа британските ИТ девојки, Алекса Чанг, Дејзи Лоу, сестрите Кара и Попи Делевињ, Суки Вотерхаус, Лоти Мос, креаторката Стела Макартни, кои се редовни на ова музичко случување и кои секогаш привлекуваат внимание со својот стајлинг. Модата, покрај музиката, е една од најважните сегменти на овој летен фестивал, па неколку дена по завршување на Гластонбери 2016 модните медиуми прават анализа на имиџот на гостите. Општ заклучок е дека најкул девојките имаа наједноставен и норамлен изглед.
Повеќето избрале креации што се препорачливи и практични за настан на отворено, на кој плус има многу кал и дожд. Така, традиционално, речиси сите имаа квалитетни гумени чизми, дебели водоотпорни јакни или кабаници. Остатокот, е прашање на личен вкус или преференција. Сепак, доминираа шорцевите, тесните црни фармерки, едноставни црни или бели маички со принт, и по некое бохо-парле, кошула, џинс-модел или фустан. Покрај чизмите доста се носеа високи патики „старки“, како и чизмички до глужд.
Нема коментари