Се сеќавате ли на удобните платнени патики од познатиот вуковарски бренд „Борово“, наречени „стартас“ , со кои пораснаа многу генерации? Тие ја преживеаа транзицијата и новите модни текови, и денеска важат за еден од најголемите извозни парчиња од просторите на поранешна Југославија. Класичните сини и бели модели денеска се заменети со најразлични шари и дезени, со впечатливи бои, кои ги следат трендовите. Четири декади по нивното појавување и седум години по обновувањето на брендот, овие патики ги освојуваат пазарите во Франција, Јапонија и Кореја. Голем хит се меѓу младите Хрвати, а се продаваат и во другите бивши републики.
Кога во далечната 1976 година раководството на „Борово“ почнало да ги произведува патиките „стартас“ не се ни надевало дека создало бренд што ќе трае 40 години и дека ќе произведат 10 милиони пара. Континуираното производство продолжило и во наредните години, а во 2007 година патиките беа ревитализирани , со ангажирањето на дизајнерот и илустратор од Ровињ, Мауро Масрото. Благодарение на неговата богата имагинација „стартас“ станаа глобален хит.
Компанијата, покрај со модерните дезени и подобрениот квалитет, на младите им се доближува и со различни проекти. Последен во низата е конкурсот со кој ги повикуваат младите кретори да ги дизајнираат новите модели на “стартас“. Хрватските медиуми јавуваат дека досега се имаат пријавено околу 80 млади дизајнери, кои се борат за награда од околу 3.000 евра. Новата колекција за пролет-лето 2014 ќе биде претставена на 21. март и ќе содржи осум модели. Во план е прозводство на вкупно 50 илијади пара, прилагодени за различните пазари.
Нема коментари