Младинскиот културен центар на 20 јануари ќе одбележи јубилејни 45 години постоење со изложба, музичка програма во чест на Дејвид Боуви, поезија, филм и отворање на урбаната продавница наречена „Ап(о)тека“.
-Како и изминатите пет години, така и оваа, програмата во новата година ја започнуваме со настанот насловен „Роденден“. Оваа година славиме и јубилејни 45 години постоење на МКЦ, и иако МКЦ официјално е отворен на 28.12.1972, ние роденденот си го славиме по „МКЦијански“ календар и оваа година „Роденден“ славиме на 20 јануари. На програмата изложба, музика, поезија, филм, торта, дружење…Во рамки на „Роденден“ отвораме МКЦ urban store, кој ќе се вика „Ап(о)тека“.Веќе една година како светот остана без Дејвид Боуви. Честа, но и одговорноста да отсвират tribute концерт во чест на великанот ќе ја имаат „Фолтин“- „Паднатите од Марс“. Концерт ќе се одржи во Денсинг салата „25 мај“-велат од МКЦ.
Во Галерјата МКЦ ќе биде отворена ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998), именувана како „НОМАД“.
Душан Герзиќ Гера e еден од најталентираните белградски ликовни уметници од крајот на 20 век, се движи во распон од слики, цртежи и колажи, до фотографии, сликање на тело, карикатури и стрипови. Гера последните десетина години од животот главно изложува во помали галерии во Париз и Њујорк, каде што живее некое време, а неговата работа е израз на спојот на неговиот бурен карактер и деликатноста на неговата личност и уметничката постапка. Вреди да се спомене дека има работено и како графички дизајнер (флаери, постери, омоти на плочи…) за музички групи како Хаустор, Електрични Оргазам, Идоли, ЕКВ… Тој е еден од првите уметници во бившата држава, кој се занимава со сликање по тело, а помеѓу сите ги има сликано телата на Соња Савиќ, Марина Перазиќ, како и членовите на ЕКВ за нивниот албум Екатерина Велика од 1985 година.
По смртта на Гера, неговите дела се прикажувани во многу белградски галерии. Неговото прерано заминување нѐ лиши од еден голем талент, но во исто време придонесе да се создаде легенда за уметникот, кој не само што создаваше уметност, туку и ја ширеше. Изложбата ќе биде отворена со пригодна реч на неговиот брат Боривој Герзиќ.
Поетскиот перформанс „Песнило“ на кој ќе настапат десетина поети, кои ќе се обидат своето беснило да го искажат во поетска форма. Модератор на настанот е Иван Шопов, кој и претходно знаел да ги мотивира поетите малку да откачат, да излезат од конвенционалното презентирање на тоа што го пишуваат.
-Од Србија ни доаѓа искусна екипа. Веќе 15-тина години зад грамофоните, секаде каде што се почитува „органскиот црн звук“. Настапуваат под името „Тhe Funk Soul Brothers“, а сетовите им се почни со funk, soul, jazz, disco funk, afrobeat, dub и други сродни музички форми, достапни во бифе МКЦ. Во Кино Милениум ќе има 24-часовен бесплатен филмски маратон со селекција на филмови од „Cinedays“ 2016-велат од МКЦ.
Настанот „Роденден“ почнува во 20 часот, а влезот е слободен.
Нема коментари