Инспириран од делата на македонските скулптори младиот дизајнер Мите Занов ја создал новата колекција „Миг“ (Moment) која ќе ја промовира со ревија на 11 декември во фоајето на Македонската опера и балет. Модниот проект е поддржан од Министерството за култура, како дел од конкурсот Креативни индустрии.
-За моделите инспирација црпев од скулптурата како уметничка дисциплина и познатите дела на значајни скулптури во македонската современа уметност како: Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Димо Тодоровски…Станува збор за дела кои сведочат за еден минат духовен потфат, траги од една бура на умот, како вертикално празнење на енергија меѓу небото и земјата, траги од молњи што се претвориле во метал или се скамениле. Бурата одминала, а трагите останале да сведочат. Присутноста, самото случување на делата, укажува дека нешто постои пред какво било значење на тоа што постои и оваа идеја може да се нарече мистична, зашто станува збор за мистерија на битието. Ритамот и рефлексијата, се само манифестации на движењето на енергијата. Ритамот е време. Времето е самото дело, миг кога делото се случува. Делото е блесок, епифанија, молња- вели Занов.
Моделите во колекцијата, се тридимензонални форми, создадени како уметнички израз, како што вели креаторот: „Сами по себе се настан, миг што трае, чудо што пред нас се материјализира и што доаѓа од длабочините на битието,од неговата вознемирена срцевина. Тоа мерење на немерливото, мапирање на невидливото и моделирање на недопирливото,како и во скулпурата, е основа за создавањето на оваа колекција. Идејата за распаѓање на формата (анти-скулптура ) ме водеше кон ослободување на енергијата од формата и нејзино бележење, бележење на чистата енергија. Форми, текстури и бои, кои ги акумулираат трагите на субјективниот продор на непоимливото“.
Авангардна, и пред сè уметност која се носи, се клучните зборови што ја опишуваат оваа колекција. Во однос на материјали, користени се висококвалитетни материјали, како штоф, кепер, свила, како и неконвенционални материјали еко кожа, метал… Палетата на бои градира од јаки и силни бои, кон монохроматски црно и бели модели.
-Колекцијата е со изразен уметнички дух, тоа значи дека е наменета за девојки и жени со изграден стил и став кон модата и животот, и знаат да проценат добар дизајн на облека-додава тој.
Покрај обврските со нарачки и клиенти, и спремањето на колекцијата, периодов Занов беше ангажиран во Работнички универзитет „Кочо Рацин“ – Скопје каде што држи курс по кроење и шиење. По презентацијата на колекцијата, планирано е снимање на едиторијал и одбрана на специјалистичкиот труд.
За ревијата на 11 декември, која ќе почне во 20 часот, Занов најавува посебен амбиент и специјално подготвени музика и кореографија.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари