Дизајнерката Фрида Џанини повеќе нема да биде креативен директор на „Гучи“, а според повеќе извори од модната куќа заминува и извршниот директор Патрицио ди Марко. Минатата недела од „Гучи“ си замина Микеле Софисти, извршниот директор на одделот за накит и часовници. Модните инсајдери сметаат дека „Керинг“, партнерската компанија на „Гучи“, ваквите одлуки ги донесе поради финансиските извештаи кои откриваат дека продажбата на брендот стагнира, а во октомври „Гучи“ објави најслаб квартален раст во последните четири години. Претходно постоеја шпекулации за нејзино заминување, но Џанини ги демантираше пред неколку месеци во интервју за Vogue. Но, овојпат се чини одлуката е конечна и веќе во февруари по прикажувањето на новата колекција за „Гучи“ Џанини и Ди Марко ќе претстанат да работат за брендот. Покрај тоа што со години се на врвот на модната куќа, Фрида и Патрицио приватно се партнери и родители на ќерка.
Дизајнерката Џанини во „Гучи“ почна да работи во 2002 година како дизајнер на чанти, а во 2005 година беше назначена за креативен директор на брендот. Препознатлива е по свежиот и женствен пристап во современата мода. Ди Марко во „Гучи“ дојде во 2009 година со претходно искуство во „Ботега Венета“. Со нејзиното заминување од брендот се отвори место за нов главен дизајнер во куќата, според некои извори во „Гучи“ доаѓа Рикардо Тиши кој сега работи за „Живанши“. Одлуката ќе ја донесе менаџерскиот тим на компанијата „Керинг“ и нејзиниот сопственик Франсоа-Анри Пино, кој исто се грижи за повеќе луксузни брендови и дизајнери како „Сен Лоран“, Александар Меквин, „Ботега Венета“, Кристофер Кејн, „Бриони“, „Пума“.
Нема коментари