Модната уредничка во магазинот Unique, Милена Танаскоска, предлага удобни, топли и трендовски парчиња за оваа зима. На нејзината стилска топ-5 листа се најдоа: сив џемпер-фустан, црни слим фармерки, пончо-палто, бордо додатоци и чизми над колена.
Сив џемпер – фустан
Во принцип обожавам работи кои можат да бидат мултифункционални, па така оваа сезона се одлучив за сивиот џемпер-фустан. Сивата боја е една од водечките оваа зима, а ваквиот модел совршено прилега со чизми или чорапи до колена, или па по street варијанта со кожени панталони кои сèуште се модерни искомбинирани со патики.
Црни слим фармерки
Ако минатата сезона беа модерни boyfriend фармерките, тогаш оваа сезона се модерни тесните фармерки на висок струк. Поефектни ќе бидат ако се црни и пресени кај коленото, тоа е моделот кој што е омилен меѓу трендсетерките. Носете ги со чизми до глужд, високи потпетици или пак патики.
Пончо – палто
Пончото можевме да го видиме како дел од ревиите на Burberry и Celine, а исто така и во првите редови, кај посетителите. Волнено пончо како палто или пак дебел шал-ќебе е парчето кое треба да го носите оваа сезона, наместо класичното на кое што сме навикнати.
Бордо додатоци
Оваа боја е прогласена за боја на сезоната, па затоа во комбинација со сивата и црната совршено одговара. Дали ќе се одлучите за шешир, чанта или некој накит, сеедно е, но бојата треба да ви биде водечка во изборот.
Чизми над колена
Не е важна висината на потпетицата кога ќе го правите изборот на чизми, туку гледајте тие да бидат над колената. Носете ги со мини здолништа, шорцеви или пак тесни панталони. Исто така се совршен пар со сивиот џемпер фустан споменат погоре.
Нема коментари